А1он: Локалната самоуправа или четвртата власт во државата иако од многумина потценета сепак е од круцијално значање за животот на граѓаните. Од професионалната локална самоуправа, квалитетните законски решенија, вистинските личности за градоначалници зависи квалитетното секојдневие и добрата живеачка. За ова разговараме со Бобан Јанкоски, член на Извршниот одбор на Либерално-демократската партија (ЛДП), кој повеќе од 10 години работи во Општина Центар, а ја вршеше и функцијата Шеф на кабинет на министерот Ристо Пенов во Министерството за локална самоуправа. На многумина им се прелеа чашата од катастрофалната состојба во Скопје и како за малку работи, речиси сите застанаа зад законски измени во Законот за локална самоуправа кој по 20 години ќе се врати можноста на граѓаните кои го избрале, да можат и да го сменат градоначалникот. Каков е ставот на ЛДП?
Јанкоски: ЛДП во декември 2023-та прва ја покрена иницијативата за собирање потписи со цел преку референдум да се овозможи отповикување/смена на градоначалник. Ако тогаш сите се согласевме, последиците што сега треба да ги санираме ќе беа многу помали, особено во Скопје. Секој е менлив; и претседател на држава, премиер, судии… сите освен градоначалниците. Со изменте во Законот за локална самоуправа, пред 20 години, на граѓаните им е одземено правото да можат да ги сменат градоначалниците. Сега сите, бидејќи е најактуелно, реагираат за сметот, смрдеата, честото менување директори, нефункционирање на јавниот градски превоз, неисполнетите ветувања, за целокупната состојба во Скопје… после цели две години наидовме на разбирање и консензус за нашата идеја за Измени на Законот за локална самоуправа, со цел обезбедување законска можност граѓаните да можат да ги отповикаат оние кои тие ги избрале, а им ги пустошат општините. За жал доцна, но со надеж дека ваков пустош нема повеќе да се повтори.
Иако почна како причина од незадоволството од работењето на градоначалничката на Скопје, овој нов Закон ќе биде опомена и за останатите градоначалници дека нема веќе да бидат недостижни „фараони“, туку ќе внимаваат и ќе работат во интерес на граѓаните. Контролен механизам мора да има и мора сите да се научиме на отчетност во работата. Значајно е да има широка консултација за законските решенија и треба да се размисли кој би бил неопходниот процент на референдумско изјаснување за да не се доведеме во непожелна ситуација. На пример, ако прагот е 50 или повеќе проценти, уште повеќе да се зајакне некој градоначалник поради неможноста тој процент да се достигне и да се смени „таткото“ или „мајката“ на општината или градот, но и да се спречи политичка злоупотреба од друга страна. Во ЛДП очекуваме новите решенија да почнат да важат за избраните градоначалници на наредните локални избори наесен.
А1он: Општинските добра се често мета на дивеење на хулигани. Сведоци сме секојдневно на снимки како младите уништуваат и кршат детски игралишта, клупи, канти за отпадоци. Воопшто не се води сметка за јавното добро. Како да се стави крај на ова?
Јанкоски: Со воведување на комунален надзор под ингеренции на локалната самоуправа. Тоа би требало да биде едно од решенијата во новиот Закон за локална самоуправа, како одговор на овој проблем. Иако ова прашање треба да се доуреди со Законот за комунални дејности, ова мора да биде обврска во иднина на градоначалниците и советите и затоа, добро е да се имплементира и во ова ново законско решение. Комунална полиција ќе биде облигаторна, но многу важна работа за градоначалниците. Ова може да помогне во иднина да се превенираат девијантните, хулигански појави со демолирање на урбаната опрема, иако тука е значајно и семејството и воспитно-образовниот процес кога се работи за млади луѓе. На Македонија насушно и е потребно комунален ред, односно воведување на комунална полиција.
А1он: Децентрализацијата е нешто кое трае со години, речиси две декади. Процесот започна, но крајот иако изгледа блиску, гледаме дека е далеку. Како понатаму?
Јанкоски: Приоритет на ЛДП е транспарентен и правичен систем на финансирање на единиците на локалната самоуправа. Како партија која раководеше со Министерството за локална дамоуправа го започнавме процесот за инстуционална и финансиска децентрализација. За жал, поради бројните кризи со кои се соочуваме во државата, ова прашање не дојде на дневен ред иако речиси сѐ беше подготвено. Општините, како главни двигатели на локалниот и регионалниот развој, сѐ уште не располагаат со доволно ресурси за планирање и спроведување на развојни проекти. За жал, кај нас сѐ уште немаме целосно функционална децентрализација. Тоа значи повеќе приходи на општините за реално да ги спроведат на хартија пренесените надлежности.
Некои општини се наоѓаат на работ на егзистенцијата. Државата ќе мора да има слух за нивните потреби и да се откаже од дел од средстата, како што се даноците и тие да се слеваат во општинските каси за да може да се реализираат проектите. Не може веќе да се толерира општините да имаат блокирани сметки, долгови или да чекаат на финансиски инекции од извршната власт или меѓународна помош, кредити или донации. Општинте мора да имаат сигурни и стабилни извори на финансирање и нормално функцинирање. Затоа, ЛДП предлага зголемување на приходите на општините од персоналниот данок од доход на 50%, пренесување на други типично локални даноци од централно на локално ниво, даноци од игри на среќа и слично, искористување на целосниот потенцијал на данокот на имот, целосно пренесување од централно на локално ниво на надоместоците за концесии од државното земјоделско земјиште и природните богатства од локално значење, тука мислам на шуми, пасишта, минерални суровини, термални извори.
А1он: Иако говориме за децентрализација, сведоци сме дека сликата на терен е поразлична. Целиот државен апарат се наоѓа во Скопје, сите министерства, агенции, дирекции… Дали е добро сите институции да бидат концентрирани во Скопје?
ОДГОВОР: Не. За тоа дека ЛДП се залага за децентрализација на иституциите сведочи фактот дека во Министерството за локална самоуправа започнавме План за децентрализација не само на надлежностите, туку и на самите институции. На пример, Министерството за земјоделство треба да е лоцирано некаде во Југоистокот, каде луѓето се занимаваат со земјоделство. Не е логично ниту пак праведно земјоделецот од Струмица, Гевгелија итн., да доаѓа до Скопје за да поднесе документи. Сметаме дека туризмот може да се раководи од Охрид, каде што е неопходно да функционира Агенција за грижа и развој на туризмот. Управата за јавни приходи може да е во Велес итн. Ова многу ќе значи за заживување на општините и нема да имаме градови-фантоми, кои полека стареат и изумираат. Со ова ќе се намалат нагласените разлики и диспропорции помеѓу општините и ќе се оствари неопходниот рамномерен регионален развој.
А1он: Често тема на дискусија во јавноста е бавната и неефикасна админстрација. Постојат многу фактори зошто тоа е така, тука зборуваме за проблем кој е ист или сличен од осамостојувањето на државата. Има ли трупање на надлежности на централно ниво, а со тоа произведување на бавни и неефикасни услуги за граѓаните?
Јанкоски: Да и затоа ЛДП се залага услугите за социјална и детска заштита, потоа итната медицинска помош, целосно од централно да се трансферира на локално ниво. Тука може да влезат и дел од полициските работи, одржувањето на јавниот ред и мир, како и издавањето лични карти сообраќајни и возачки дозволи. Сето ова ќе доведе до поефикасни и поефтини услуги за граѓаните.
А1он: Во ера на вештачка интелегенција, кај нас во голем дел од министерствата, општините, агенциите и останатите државни и јавни институции има отпор на воведување на целосна дигитализација и сѐ уште се работи исто како пред неколку децении. Кое е вашто мислење, како да стигнеме до целосна дигитализација?
Јанкоски: Постои и отпор кај вработените, страв од нешто ново, недоволен број на обуки. Како партија го покренавме ова прашање и во Собранието. Нашите пратеници изминатиот период беа доста гласни на оваа тема. Даваме и ќе продолжиме да даваме целосна поддршка на дигиталната трансформација, зголемување на степенот на дигитална писменост и целосна достапност на дигитални услуги за населението.
А1он: Пред нас се локалните избори наесен. Слушаме, читаме дека поголемите политички партии веќе ги започнаа подготовките. Дали и ЛДП се подготвува за локалните избори?
Јанкоски: Секако. Внатре, партијата се подготвува со целиот капацитет. Во тек е подготовка на Правилникот за евидентирање на кандидати, а исто така се подготвува и конкретна програма со која ќе излеземе пред граѓаните. ЛДП е партија со свои автентични предлози и на тоа сме особено горди. Една од програмските политики која ќе ја промовираме на локалните избори се воведување на тн. „Туристички општини“. Да објаснам едноставно – нешто налик на индустриските зони. Македонија треба да биде многу похрабра и многу поинвентивна за да може да привлече уште повеќе туристи и уште повеќе пари за своите граѓани. Имаме природни убавини и потенцијал, само треба желба ова да се ефектуира. ЛДП предлага одредени региони во државата да добијат статус на туристички општини и во тие општини за одредени дејности да важи посебен закон, кој ќе ги заштити, ќе ги зголеми приходите и ќе донесе поголем број туристи. Според нас, Охрид, Крушево, Дојран, Гевгелија, Струга, Маврово и Ростуше треба да добијат статус на туристички општини и за нив да постои специјален закон. По овој закон општините ќе можат да се развиваат, ќе го уредуваат урбанистичкото планирање и новите градби, ќе може да вработуваат, да даваат одредени дозволи и лиценци и да ја регулираат нивната целокупна работа. Да се определи посебен дел од државниот Буџет кој ќе биде наменет за овие општини.
А1он: Рековме дека десет години работите во Општина Центар, една од најзначајните, ако не и најзначајна општина во државата, а поминавте време и во Министерството за локална самоуправа. Кои лични ваши проекти би ги издвоиле?
Јанкоски: Се гордеам што бев иницијатор и реализатор на многу проекти со кои бевме пионери во локалната самоуправа. Првата општинска читална „Славко Јанески“, читалната „Ацо Шопов“, потоа следуваше канцеларијата за млади, проектот со Банката за храна со кој секој месец во општината делиме пакети на 150 семејства од социјален ризик. Но лично, најмногу сум горд на проектот „Нега во домашни услови за возрасните“, со кој бевме пионери во државата во 2014 година, за што говори и фактот дека проектот беше препознаен и од другите општини и веќе се реализира во неколку. Своевремено, први доделивме највисока еднократна парична помош за секое новороденче во износ од 7000 денари. На бебињата и родителите им подаруваме и производи во ист износ од општествено одговорни компании, пријатели на општината. Министерството за локална самоуправа беше нов и различен предизвик, каде се реализираа голем број на проекти за општините, почнувајќи од меѓуграничната соработка финасирана од ЕУ па сѐ до програмата за диспаритети. Она што во многуте работи може да го издвојам е изградбата на регионалниот стационар за кучиња во Вардарскиот регион, кој се наоѓа во Општина Кавадарци, проект реализиран со помош на Швајцарската амбасада. Тука ќе го наведам и проектот реализиран со УНДП за зајакнување на општинските совети, нешто што сѐ повеќе станува потреба на сите општини и генерелен проблем на граѓаните. Со зајакнувањето на капацитетите на општинските совети се постигнува поголема транспарентност и инклузивност, со што се помага во градењето на јавната доверба во локалните институции, вклучително и проектот со УСАИД за пресметка на данок на имот.
А1он: За крај, како гледате на исходот на локалните избори? Ќе има ли големи промени? Што мислите, дали ЛДП доколку понуди добри кандидати и реална програма, има шанси да оствари резултат?
Јанкоски: Ние од ЛДП, покрај другото, сме препознатливи и по добрите локални кандидати, советници, градоначалници и политики. Без разлика дали тоа бил Ристо Пенов, своевремено Стевче Јакимовски, потоа Андреј Жерновски, ЛДП секогаш имала што да понуди во локалната политика. Сега ЛДП, под водството на претседателката Моника Зајкова, се трансформира во модерна либерално-демократска партија, која нуди добри и издржани решенија. Така планираме да направиме и за локалните избори, да понудиме добри решенија, како кадровски, така и во смисла на локални политики. Оттука, сигурен сум дека со вистинските кандидати и промовирање на добри политики за граѓаните, во овие околности ЛДП има шанси да направи добар резултат на изборите.