Има неколку сериозни наследени проблеми во врска со Студентскиот дом во Тетово, нотирани во ревизорскиот извештај, деведесет проценти од тоа што можеше веднаш да се реши е решено. Има и такви проблеми за чие решавање е потребно време. Ги решаваме според закон. Како што бевме информирани од инженерите и од ревизорскиот извештај, во кујната нема вентилација. Тоа е сериозен градежен проблем. До решавање на проблемот, најбрзо што може, домот ќе мора и понатаму да обезбедува храна од економски оператор, согласно закон. Вака денеска министерката за образование, Весна Јаневска, одговори на новинарско прашање, во врска со забелешките од ревизорските извештај што се однесуваат на кујната во Студентскиот дом во Тетово.
Таа истакна дека исто така работат на решавање и на другите проблеми.
Во врска со стипендиите на студенти од шангајската листа што студираат на сто врвни универзитети во светот и нивен понатамошен ангажман, таа нагласи дека исто така затекнале состојба со немање база на податоци за студенти, па била направена.
– Договорите беа такви, што, да речеме, студентите требаше да вратат десет пати, десеткратно поголем износ, што е реално и невозможно без оглед каде тие да работат. Таа неостварливост, за која многу пати зборувам, имаме закон и договор што не може да се имплементира, може ги направи малку полабави. Ги сменивме договорите, со тоа што, тие треба да го вратат износот што го дале и да бидат на располагање на државата, пет години откако ќе завршат. Оние што веќе се отидени, ги најдовме во базата и побаравме од нив ангажман, појасни министерката.
Дел од нив формирале група наречена Мостови, се вмрежиле и сега им помагале на други студенти, дел во странство и дел тука. Биле ангажирани и помагале, на пример, на Заводот за статистика, на театарот Комедија, на различни платформи, соработувале со Министерството. Им бил баран дополнителен ангажман, за на некој начин да и вратат на државата, за услугата што им ја направила. А другите, биле следени и тие биле должни да даваат шестмесечни извештаи, затоа што договорот не им бил безусловен.
Околу тоа зошто нема листа на професори од државата, што се ангажирани и предаваат надвор од универзитетите, во странство, Јаневска одговори дека уште при формирањето на Владата, од секторот за високо образование било побарано да направи база на наши алумни. Но тоа одело преку универзитетите. Во тек било мапирањето и како ги добивале резултатите во Министерството, така биле внесувани во базата.
– Кога ќе ја пополниме барем во некој пристоен процент, ова ќе биде јавно објавено, како и сите други работи, затоа што сметам дека транспарентноста е многу значајна, за враќање на довербата кај граѓаните, во однос на институциите, рече таа.
На новинарско прашање во врска со малолетничкото насилство во Чаир и зачестеноста на вакви случаи во последните години, дали училиштата ќе преземат повеќе мерки, министерката рече дека иако насилството, според информациите, не било во училиште или училишен двор, сите треба да работиме за да се намали малолетничкото насилство.
– Не сум сигурна дали е зголемено, или е само повеќе евидентирано. Социолозите треба да кажат. Училиштата треба да работат на оваа проблематика, Бирото за развој на образование изготви прирачник во соработка со Министерството, што е дистрибуиран до сите училишта. Наставниците се значаен фактор, имаме различни програми за меѓуетничко, меѓуврсничко разбирање и слично, тие функционираат. Но има уште еден многу значаен елемент, што сите го забораваат, а тоа се родителите. Родителите се исклучително значајни во воспитувањето на децата, особено во првите години. Потоа продолжуваат училиштето и наставниците, рече Јаневска.
Таа се заблагодари на општествено одговорни компании, што преземаат одговорност, да водат убави кампањи, според неа, што исто така помагаат на целата држава.
Околу барањето за зголемување на студентскиот оброк, министерката подвлече дека мисли дека е со право и дека би можеле да размислат за следната година, да се прошири тој дел. Но тоа не зависело само од неа, туку од можностите на буџетот на државата.
– Ако мене ме прашате, јас ќе ги застапувам нивните права. Досега се што побарале од Министерството, добиле. Верувам дека ќе успееме и ова да го направиме, истакна Јаневска.
Таа нагласи дека решаваат голем број наследени проблеми.