Адвокатскиот тим на обвинетата ексспецијална шефица на СЈО, Катица Јанева, во понеделникот го добил обвинението за нивната клиентка и подготвува приговор на обвинителниот акт, кој е доставен до судот на оценка.
„Спремаме приговор на обвинението и жалба против решението за продолжување на мерката притвор“, рече адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска.
За продолжениот притвор на Јанева, треба да одлучи совет од тројца судии во второстепениот суд. Од таму за „А1он“ велат дека сè уште не донеле одлука за жалбата на Јанева. Рокот за приговори на обвинението е осум дена од приемот на обвинителниот акт. Некои од предложените вештачења наведени во обвинението сè уште не биле завршени.
Дејствата на Јанева биле опишани на пет страници, а во обвинението се наведени листа на сведоци и докази, како и вештачења што ќе бидат изведени на судењето.
Фрчкоска рече дека очекуваат и Кривичниот суд повторно да одлучи за гаранцијата што ја понуди Катица Јанева за да се брани од слобода. Адвокатите денеска ќе ја посетат Јанева во истражниот затвор во Шуто Оризари.
Јанева е обвинета дека ја злоупотребила службената положба и овластувањето и при неизменети околности дала позитвно мислење за осомничениот бизнисмен Орце Камчев да излезе од притвор, а за сметка на тоа добила 50 илјади евра и мебел во вредност од речиси пет илјади евра.
Заедно со неа обвинети се Бојан Јовановски – Боки 13, кој исто така е во притвор, и Зоран Милевски – Кичеец, кој со позитивното мислење на обвинителката Вилма Русковска е во куќен притвор.
Според доказите на Обвинителството, Бојан Јовановски и Зоран Милевски повеќепати се сретнале со Јордан Камчев и со неговата сопруга Ана Камчева, на кои ја договориле исплатата на парите.