Крвни повреди на главата, поточно на левата страна на лицето и во темената регија, оштетување на мозокот и крвен подлив на градниот кош, покажува обдукцискот наод извршен врз Никола Саздовски, за кој денеска пред судот сведочеше вештото лице, доктор Златко Јаќоски од Судска медицина.
– Овие повреди врз Никола се нанесени со повеќединамична тапо-тврда сила. Квалификацијата е тешка телесна повреда со опасност по живот која завршила со смрт. Повредите се нанесени со бокс или удар со нога, појасни Јаќоски.
Според вештото лице, Саздовски бил донесен во болница во предсмртна фаза за што итно била направена реанимација, а заради неможност на функционирање на мозокот бил поставен на механичка вентилација со пропратна терапија со медикаменти
На прашање на јавниот обвинител, Јаќоски рече дека преткоматозната состојба во која бил донесен Саздовски, по која подоцна настапила смрт, настанала поради три доминантни повреди во пределот на главата и тие се настанати со силно дејство во ист период.
Рече дека при обдукцијата се констатирани уште три повреди. Едната е на градниот кош од десната страна и под лопатката и левата слабина. Јаќоски рече дека останатите повреди кои не се во пределот на главата не се значајни во смртниот исход, тие се телесни повреди.
На прашање на обвинителот дали некоја од повредите може да настанала од пад и удар на некој предмет, вештакот рече дека сите повреди се од удари, а доколку имало пад и удар од некој предмет би забележале повреди на кожата и телото кои кај Никола не биле забележани.
На прашање на таткото на Никола Саздовска, вештакот рече од обдукцијата изгледот на староста на повредите, како и правецот на силата на ударите кои се вкрстуваат кон центарот на мозокот, не може да се издвои кој бил прв удар.
Случајот за убиството на дваесетгодишниот Никола Саздовски за што се обвинети Бесир Беља и Скендер Демири, и уште едно лице кое е во бегство, се наоѓа во доказна постапка, а на денешното рочиште треба да бидат сослушани тројца вештаци.
На минатотот рочиште еден од сведоците во судница ги препозна Беља и Демири, кои според обвинителниот акт заедно со Ј.Љ.(19), кој е во бегство, на 29 јуни годинава крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булевар „Александар Македонски“ во Автокоманда.
Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој се уште е недостапен за органите на прогонот распишана е домашна и меѓународна потерница.