Би било ред малку да го слушнеме и гласот на Заев, би било ред граѓаните на Република Македонија да знаат во приватни разговори како тој се однесува и како ги ословува одредени етнички заедници, потенцираше лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски кој денеска на прес конференција реагираше на, како што рече, реалното шоу на СДСМ и неговите коалициони партнери.
-Господинот Зоран Заев во изминативе шест месеци граѓаните на република Македонија ги држи во тензија со наводните негови поседувања на снимки со кои што ќе објави тежок криминал на владејачката гарнитура, односно како се украдени пари во оваа држава со кое што ќе објави податоци за убиствата кај Смилковското езеро и со тоа што ќе објави податоци за тоа како во оваа држава се украдени фамозните 150.000 гласови, рече Јакимовски.
Тој нагласи дека Заев оваа приказна ја започнал со тезата дека опозицијата и тој се прислушкувани од страна на власта, а досега освен неговиот разговор со неговата ќерка јавноста не видела ниту еден разговор на господинот Зоран Заев, рече лидерот на ГРОМ и потсети дека Заев е исто така власт во локалната самоуправа и рече дека не само граѓаните на Струмица туку сите имаат право да знаат за каков владетел се работи.
– Јас сакам да му дадам дозвола и овластување да го објави разговорот воден помеѓу мене и него на 14-ти февруари 2013-та година во 14. 40 часот и исто така да ја објави пораката која што тој ми ја упати мене во 1.30 часот наутро на 17-ти февруари по мојата кандидатура за градоначалник на општина Карпош, за СДСМ да види за каков раководител, односно за каков лидер станува збор, рече Јакимовски.