Мене ми е жал што господинот Бујар Османи во оваа изборна кампања не можам да го слушнам да каже нешто за животот во Република Македонија и
за подобрување на животот на граѓаните на Република Македонија, туку ни пропагира политика на жирафа.
Жирафата млекото го дава кај комшијата, а јаде од кај вас дома, односно, господинот Бујар Османи свој леб јаде, туѓо гајле бере. Цело време го слушаме како бере гајле за Косово, за Косоварите, но никако да предложи нешто за подобар живот на граѓаните на Република Македонија. Па оттука ни кажува дека ако Косово некаде не било повикано на состанок, дека тој нема да присуствува како Претседател на Република Македонија, или морало да се гласа за влез на Косово во Советот на Европа.
Јас само би го прашал господинот Османи: Зарем Македонија не стори доволно за Косово? Го дадовме небото за да биде бомбардирана СР
Југославија, дадовме простор во Катланово, во Петровец и во Куманово за воени бази на НАТО за напад на СР Југославија од Македонија, го
признавме Косово, ја демаркиравме границата и досега сме гласале во сите институции за Косово.
За возврат Косово и Албин Курти се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија и кога јас ќе бидам претседател ние мора да му
покажаме и на Косово и на Албин Курти дека ние сме држава, дека тој не е! И дека натаму нема да добива наша поддршка.
Но во исто време сакам да го прашам господинот Османи: Води ли сметка дека во оваа држава има и други етнички заедници и води ли сметка дека ние имаме и некој друг сосед? Што лошо ние имаме со Србите? Покрај тоа што сме го дале небото за бомбардирање на Србија, Србите ни ја признаа црквата, поштено вратија тоа што земале 1918 година, се однесоа крајно комшиски за време на короната и ние не можеме да ги нарушуваме односите со така голем сосед и битен тговски партнер за Република Македонија.
Значи ние мораме да имаме избалансиран однос со сите соседи, вклучувајќи го и Косово и Република Србија и Албанија, Грција и Бугарија. Значи ние не можеме да водиме политики кој како сака и само да бидат тоа
еднонасочни политики.
Од друга страна, што толку се меша околу прашањето на Сребреница и прогласување на геноцид во Сребреница? Таа си е работа српска, хрватска, босанска итн. Што воопшто се меша во тие работи? Пак ќе кажам, води ли сметка за нашите комшиски односи со Србите?
Но во исто време јас сакам да го прашам господинот Бујар Османи како муслиман, како министер за надворешни работи, пред сѐ како човек, како
татко, ќе каже ли нешто за овие 32.000 жртви во Газа, ќе каже ли нешто за над 15.000 деца убиени во Газа, убиени цели фамилии по принципот на спржена земја?
Далеку од тоа дека јас ги амнестирам Хамас и нивниот терористички напад, убивање на цивили и заробување на цивили, но ако Хамас е држава,
Израелците треба, Израелската држава да се бори со банда и да ја елиминира бандата и да ја неутрализира бандата. Но зошто убива недолжни
граѓани, недолжни цивили и господинот Бујар Османи, коректно е и принципиелно ќе биде да каже и за ова некој збор.
Но овде очигледно треба да се додвори на нечија политика и тука е помал од „махово зрно“, а овде нам ни предлага да излеземе од Отворен Балкан, кој е интерес на Република Македонија да излезе од Отворен Балкан кога Европа не нѐ пушта во нејзиното преддворје? Напротив, ние треба да го развиваме Отрворен Балкан и сите држави треба да се потрудиме дури и да водиме заедничка надворешна политика vis a vis Европската унија која се однесува крајно потценувачки кон земјите од Западен Балкан, истакна Јакимовски.
На прашањето како ги оценува досегашниот тек на изборите и пораките кои ги праќаат неговите противкандидати, Јакимовски одговори:
– Прво што нема дуел, тоа е срам за Република Македонија, тоа е срам за демократијата, тоа само покажува дека имаме канидати коишто земаа по милион и 650.000 евра и се рекламираат небаре се фолк ѕвезди, но во исто време тоа што го зборуваат и тоа што го предлагаат не се подготвени да го спротивстават со своите противкандидати. Јасно е дека тие не се подготвени за разговор, тие не се подготвени за дијалог. Ако не се подготвени за дијалог и разговор со своите колеги во предизборната кампања, како ќе ја водиш државата и како ќе воспоставуваш дијалог меѓу власт, опозиција, различни интереси во државата? Но во суштина се крие нивната неспособност, нивното незнаење, нивната невозможност за минута и пол да конципираат квалитетна мисла и нивниот страв од тоа да се види
дека „царот е гол“.
Јас не можам да разберам, господинот Стево Пендаровки, пет години да бидеш претседател на Република Македонија и потоа да бегаш од дуел. Пет години да ја работиш таа работа, па ти треба сите да ги имаш во мал џеб и со такво познавање на работите, со такви материјали, разузнавачки податоци, средби со странски служби, средби со странски државјани, треба суверено да ја владееш материјата. И во исто време се чудам за госпоѓата Силјановска, да ибегнува дуели коишто на граѓаните треба да им овозможат да ја видат понудата на лице место и врз база на таа понуда да донесат одлука.
На ваков начин се трудат да практично во матно да се изере претседате на Република Македонија, на крајно шверцерски начин. Знаете ли вие кога шверцерите во автобус ќе ви украдат нешто? Кога има гужва. Па сега да се згужваат и претседателските и парламентарните избори и во ваква гужва ако може да се избере еден претседател кој ќе биде сервилен спрема надворешните предивици и кој ќе биде сервилен на политичките партии кои ќе бидат водечки во парламентот.
Јас сум претставник и гласот на граѓаните, гласот на народот и јас го зборувам тоа што граѓаните го мислат и ако имаат знаење од внатрешна
политика, од политичкото уредување на Република Македонија, од геополитиката, од геостратегијата, бујрум да ги спротивставиме знаењата.
Можно ли е едни двајца кандидат предлагаат промена на Устав со кој Македонците ќе бидат избришани од последното место кај што пишува
Македонец, тоа е од Уставот. Можно ли е да немаме дебати, се предлага избор на претседател во Парламент, да претседателот биде продолжена рака на политичките партии, а во исто време силата на претседателот да не извира од секој граѓанин и во исто време се предлагаат да се избришат оние 20% од Уставот за етничките заедници. Значи се предлагаат тектонески поместувања во уставно-правниот систем и политичкиот живот во Република Македонија без дебата, без притоа да се извадат аргументите на лице место и навистина мислам дека вината и одговорноста за неатрактивноста на оваа кампања и за лошиот излез на овие избори токму овие двајца кандидати ќе ја сносат и тоа им е целта, да оваа кампања биде неинтересна, да што помалку граѓани излезат на изборите, што е навистина срамно, нагласи Јакимовски.