Извештај на Хелсиншки комитет за протестите за случајот „Монструм“

Од:

Институциите да покренат постапки против насилниците од толпата, полициските службеници кои ги пречекориле овластувањата и поттикнувачите на меѓуетничка омраза, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, во врска со последниот протест за случајот „Монструм“.

Извештајот, заклучува дека далекусежните реперкусии врз општеството од ваквите случаи, кои се обременети со етнички и политички предзнак, укажува на неопходноста од брзо и професионално реагирање на институциите надлежни за истрага и санкционирање на прекршителите на законот, додека неказнивоста ги мотивира и дел од учесниците на протестот да се однесуваат како хулигани, но мотивира и дел од полициските службеници, од заштитници на јавниот ред и мир, да преминат во насилници што ги пречекоруваат законските надлежности.

Со цел да се пренесе пораката дека сите идни прекршувања на законите нема да поминат неказнето, во Извештајот, како неопходни се наведуваат следните постапки:

– Основното јавно обвинителство во координација со Министерството за внатрешни работи, да го пронајдат и приведат секој кој го прекршил законот, без разлика дали се работи за насилен учесник на протестот или активен профил на социјалните мрежи кој шири меѓуетничка омраза. По комплетирање на доказите, против овие лица треба да се покренат обвиненија пред надлежните судови затоа што овие конкретни физички лица се вршители на насилствата и поттикнувачи на меѓуетничката омраза, а не целите етнички заедници.

– Секторот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи, треба да отвори интерни постапки за испитување на поведението на полициските службеници, кои, видно од снимките од протестот, ги пречекориле своите овластувања, затоа што кон мирните учесници на протестот употребиле непропорционална сила. Истовремено, потребно е испитување на поведението на полициските службеници кои ги спречиле присутните новинари на протестот слободно и објективно да информираат, имајќи го предвид фактот дека бил вршен притисок врз конкретни новинари да се избрише снимениот материјал.

– Детално да се истражат сите напади на новинари и лица кои известувале за протестот без разлика од кого се нападнати, да се лоцираат извршителите и да се покренат обвиненија кон одговорните лица, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет, во врска со протестот за „Монструм“ одржан на 26 февруари 2021 година.

Во извештајот, исто така, се потсетува дека судската постапка во врска со петкратното убиство извршено на 12-ти април 2012 година во околината на Смилковското езеро, ја бранува домашната јавност повеќе од осум години, а судските одлуки, кои се носат од страна на Основниот и Апелациониот кривичен суд – не поминуваат без насилство и говор на омраза, кој се истура на улиците и социјалните мрежи.

– Имајќи го предвид насилството на претходниот протест одржан на 29 јануари, кога беа фрлани камења, скршени стаклата и оштетен влезот на МНР при обидот демонстрантите да се приближат до ОЈО, полицијата на 26 февруари ги задржа граѓаните и не им дозволи да се приближат до зградата на Кривичниот суд, односно групата беше спречена да продолжи со маршот до зградата на Владата. Самото такво постапување на полицијата од страна на групата беше примено како забрана на нивното уставно право на протест. Од друга страна, аргументот на полицијата е дека се работи за безбедносна проценка протестот да биде задржан на потегот ТЦ Мавровка – Битпазар, заради тоа што во толпата имаше една исклучително насилна група, веројатно составена од навивачи и помлади учесници на протестот, кои носеа фантомки на главите и беа наоружани со камења и други тврди предмети во рацете, се наведува во извештајот на Хелсиншкиот комитет.

Во извештајот на Хелсиншкиот комитет, се вели дека од новинарските прилози и снимки од протестот, може јасно да се согледа дека до зовривање на страстите дошло поради „пречекорување на законските овластувањата од страна на полицијата и поради злоупотреба на уставното право на протест од страна на дел од учесниците на протестот“.

– Имено, од новинарските прилози, од една страна, забележливо е прекумерното насилство на малубројната, но исклучително насилна група учесници на протестот-провокатори, од чии дејствија исходот е 11 повредени полицајци, а од друга страна забележливо е прекумерното насилство и пречекорувањето на овластувањата на полицијата кон мирните учесници на протестот. Тврдењата дека полицијата ги пречекорила своите овластувања, а дел од учесниците на протестот го злоупотребиле своето уставно право на протест, најдобро ги поткрепува фактот што двајца новинари беа нападнати на протестот, едниот од страна на непознати лица, дел од толпата, другиот од страна на полицијата. Така, за нападнатиот новинар на „Слободен печат“, преку нивниот профил на Твитер, медиумот информираше дека бил нападнат од полициски службеник, при што насилно му бил одземен уредот за снимање и му ги избришале сите видеоматеријали. Сепак, видно од извадок од билтенот на дневни настани објавен на веб страната на МВР, забележан е единствено нападот на новинар од страна на непознати лица дел од толпата, што е и единствен евидентиран настан во врска со петочниот протест, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет за последниот протест за „Монструм“.

Во Извештајот на Хелсиншкиот комитет се нагласува дека во изминативе денови протестот е една од главните теми во јавноста, а социјалните мрежи вриеја од говор на омраза од двете страни.

– Анализа на коментари дадени на влијателните портали на македонски и албански јазик, за жал не враќа на реториката и наративот пред/по конфликтот од 2001 година. Преовладуваат закани со смрт кон одредени политички лидери, а особено кон специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи, како и повици за обединување по етничка линија за насилно решавање на односите со другата етничка група и слично, се вели во Извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, во врска со последниот протест за случајот „Монструм“ одржан на 26 февруари 2021 година.

Би можело да ве интересира

Врховен ја одложи седницата за „Монструм“ за 14 јуни

Хелсиншки комитет: Институциите мора да ги заштитат осудениците во висок ризик

Ана Ололовска

„На образованието му треба сериозно проветрување од насилници“

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет: Инсистираме на објективна и навремена истрага и одговорност за трагедијата во тетовската болница

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет за човекови права: КСЗД утврди – Мото клубот Пелистер врши директна дискриминација

Ана Ололовска

Анализа: Пандемијата ја продлабочи нееднаквоста на лицата со попреченост

Ана Ололовска