Изречени 18 месеци затвор за возачот кој прегази битолчанец на тротинет: Судството го уби брат ми по вторпат

Од:

За прегазувањето на 25-годишниот битолчанец кој управувал електричен тротинет, обвинетиот 21-годишен возач на „Фолксваген туран“ добил казна затвор од 18 месеци. Несреќата се случи во месец јули 2020 година, а пресудата е донесена пред неколку денови. За семејството за трагично загинатиот Оли Петровски кој тргна, но не стигна на работа, казната е ниска. Неговиот брат Бојан Петровски посочи дека државата го убила Оли по вторпат.

„Судијката Татјана Петровска од Основниот суд Битола, немајќи никакво човечко достоинство, донесе срамна пресуда од 18 месеци затвор за убиецот на Оли. Ги предупредувам сите засегнати, кои презеле некое противзаконито дејство, дека бескомпромисно ќе се потрудам да бидат казнети! Ќе испратам писма до Апелациониот суд во Битола и до ОЈО, во кои ќе ги предупредам да постапуваат разумно во остатокот од постапката“, посочува братот на загинатиот.

Во текот на судењата, според семејството на загинатиот, било утврдено дека тој нема никаква вина ниту ги прекршил сообраќајните правила. Посочуваат дека судот утврдил дека загинатиот поминал една коловозна лента со туркање на тротинетот на пешачки премин, застанал меѓу банкините на пешачки остров за да ги почека возилата што поминуваат од другата страна. Во тој момент, според Бојан Петровски, со недозволена и голема брзина, возачот на „Фолксваген туран“ го прегазил, по што сега починатиот им подлегнал на повредите.

„Сето ова беше видливо од доказите изведени во постапката која премногу се одолговлекување и беше водена неодговорно. Видливо беше и од исказите на учесниците во истата, иако одговорно тврдам дека доказите во голем дел беа тенденциозни и фабрикувани, со цел половина од вината да се префрли кај брат ми. Но и покрај тоа, кристално јасно беше дека брат ми нема никаква вина“, посочи Бојан Петровски.

Тој образложи и причини зошто смета дека казната за возачот е мала и треба повисоките судови да ја променат во поголема.

„И покрај тоа, обвинетиот: не призна вина, патем не му беше одземено ни возилото, ни возачката, ниту беше побаран притвор, а и квалификацијата од страна на ОЈО Битола беше несоодветна бидејќи на толку големи прекршоци од негова страна, тој беше обвинет за кривично дело од небрежност, а не со умисла, по само неколку дена од настанот си ја поправи колата и истата ја возеше низ град. Постојано тој и неговото семејство нѐ провоцираа, еднаш дури и татко ми беше лажно пријавен во полиција од страна на обвинетиот за наводна закана, обвинетиот не искажа каење, никогаш не се потруди да даде извинување кон нас туку напротив, постојано нѐ провоцираше, а брат ми, кој беше убиен од негова страна, имаше само 25 години! На сите овие околности, бессрамната судијка му изрече трагично мала пресуда, и покрај тоа, ниту јас ниту некој од моето семејство беше повикан на изрекувањето на пресудата! Со тоа, таа ја продолжи праксата на неказнивост на убијците со возила, зашто сведоци сме дека еден куп вакви настани во нашава држава поминуваат со премали казни, а некои дури и неказнето, и стана соучесник во убиството на брат ми“, додава братот на загинатиот.

Би можело да ве интересира

Момче (19) загина во сообраќајка во Хрватска, двајцата сопатници се неповредени

А1он

Со дронови и „Безбеден град“ пронајден превртениот мерцедес кај Блаце

Катерина Ѓуровски

Трагедија на патот Блаце–Скопје: Во превртен „мерцедес“ пронајдени мртви три косовски државјани

Катерина Ѓуровски

Сообраќајка во центарот на Скопје – повреден е мотоциклист

А1он

На Тумбе кафе пронајдени и безбедно подигнати над 1.400 бомби и гранати од Првата светска војна

Горан Наумовски

Жена загина во сообраќајна несреќа кај Струмица