Измените на Законот за надворешни работи пред пратениците

Од:

Професионализација на дипломатијата, воведување повисоки стандарди, воспоставување природен систем на кариера и имплементирање на светските искуства,  се основните цели на измените на Законот за надворешни работи, што е прва точка на денешната собраниска седница.

Согласно измените, вработените во МНР се изземаат од системот на државни службеници. За нив се воведува и важи т.н. систем на кариера. Работата на амбасадорите и конзулите ќе се оценува, ќе стане мерлива категорија, а во оваа насока се предвидени и награди.

–  Клучна законска измена е изземањето на вработените во МНР од системот на државни службеници и воведување систем на кариера за дипломатите како најшироко меѓународно прифатен и практикуван принцип. Тоа воедно ќе овозможи регрутирање кадар кој ги има потребните квалификации и обезбедување предвидлив, непречен развој на дипломатската кариера, градење професионална дипломатија, подготвена да се справи со исклучително сложените политички предизвици со кои се соочува нашата земја денес, но и во иднина, истакна ресорниот заменик министер Зоран Петров.

Кариерата на дипломатот ќе зависи исклучиво од неговиот квалитет, потенцијал, капацитет и остварените разултати.

Според него, постојниот закон од 2006 година уредува најголем дел од аспектите на надворешната политика, но примената покажа потреба од измени. Предложениот текст нуди нови решенија или ги допрецизира досегашните.

Со измените максимално се почитува принципот на соодветна и правична застапеност на заедниците, се специфицира потребниот степен на познавање странски јазик за дипломатите и се дефинира нивото за нивно нормално и непречено комуницирање во насока на квалитетно претставување на земјата надвор. Потенцијалните амбасадори и конзули ќе бидат обврзани на познавање втор странски јазик.

Во текот на дискусијата, заменик министерот ги отфрли обвинувањата на Беким Фазлиу од ДПА дека застапеноста на Албанците во дипломатијата е минимална.

– Застапеноста на Албанците во МНР е околу 23 отсто, а бројот на амбасадорите Албанци е повеќе од 10, рече Петров.

Фазлиу, како што констатира  Антонио Милошоски, ги потценува способностите на дипломатите Албанци. Тој го потсети колегата дека моментно амбасадори на Македонија во Варшава, Осло, Копенхаген, Швајцарија, се токму Албанци.

По барање на ДПА, седницата ќе продолжи по пауза од два часа. На дневен ред се и Предлог законот за медицинските студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина, Предлог законот за изменување на Законот за здравственото осигурување, двата по скратена постапка и во второ читање, измените на Законот за јавните набавки, измените и дополнувањата на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, на Законот за високо образование, на Законот за студентскиот стандард, на Законот за ученичкиот стандард, по скратена постапка.

Би можело да ве интересира

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште

Во Собранието пратенички прашања – први на новиот парламентарен состав

Катерина Ѓуровски

Катерина Димитровска e новата пратеничка во Собранието

Катерина Димитровска пратеничка во Собранието на местото на Марија Митева