Измените на законите за вработување и за студентски ваучери по скратена постапка

Од:

Собранието на Република Македонија денеска одлучи по скратена постапка да бидат донесени Предлог законот за изменување на Законот за издавање на вредносни бонови – ваучери и Предлог законот за дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

По донесувањето на одлуката законите да се носат во скратена постапка, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ги задолжи матичните комисии и Законодавно-правната комисија да заседаваат  и да ги разгледаат за да може да бидат усвоени на пленарна седница.

Целта на предложениот закон за изменување на Законот за издавање на вредносни бонови – ваучери е поедноставување на постапката за стекнување со вредносен бон-ваучер од страна на студентите за купување на таблет компјутери со надворешна тастатура.

Во основниот текст на законот е пропишана обврска за апликантите да доставуваат потврди од факултетите, како и потврди од Управата за јавни приходи за што треба да бидат изложени на дополнителни трошоци. Со цел да се ослободат студентите од ваквите дополнителни трошоци, како и од одење по шалтери, со измените на законот кои се предлагаат, потребните докази во врска со исполнување на условите за стекнување на вредносен бон-ваучер ќе бидат обезбедени по службена должност.

Со дополнувањата пак на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, како што појасни министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, треба да се овозможи побрзо стапување на сила на мерките кои се предвидени со проектот „Македонија вработува“.

Со овој проект околу 150 илјади невработени до 35 години, лица од 35 до 50 години кои повеќе од 10 години се без работа, лицата над 50 години, невработени од ранливите категории граѓани, и лицата постари од 58 години, ќе имаат можност да се вработат во приватните компании.

Мерките предвидуваат ослободување од плаќање задолжителни социјални придонеси и персонален данок за доход за компаниите кои ќе вработат лица од овие категории граѓани.

Би можело да ве интересира

Собранието ги донесе реформските закони за дигитална трансформација

На 9 јули пратениците ќе расправаат за интерпелацијата за претседателот на Уставниот суд

Здравковски: Охрабрувачки е фокусот на Владата кон младите

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот без присуство на мнозинството донесе одлука за одржување Надзорна расправа за трагедијата во Кочани

Пратениците ја изгласаа Фискална стратегија на Република Македонија за 2026 – 2030 година

Горан Наумовски

Змија предизвика хаос во Собранието на БиХ: Поради „небезбедни услови“, седницата беше откажана, наредена е истрага