Измени на Кривичниот законик – ќе се реши ли проблемот со застарување кривични дела на функционери

Од:

СДСМ достави до Собранието предлог со измени и дополнувања на Кривичниот законик, со кои се иницира промена на одредбите за застарување на кривичните дела сторени со злоупотреба на службената положба и овластување, особено од страна на избрани и именувани лица. За пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ првично е прифатлив овој предлог, но и тие ќе предложат во законскиот текст да се вметнат одредби и за нивниот предлог аболицирани лица да не можат да бидат избрани на раководни функции и да нема амнестија за високи функционери.

Пратеникот од СДСМ Александар Кирацовски рече дека ветил оти ќе иницира измени на Кривичниот законик по веста дека едно од делата за кое се гони поранешниот премиер Никола Груевски е прогласено за застарено.

– Пред извесно време, поради истекување на рокот од шест години без правосилна судска пресуда и настапување на апсолутна застареност за кривичното дело „Траекторија“ се беше спасил симболот на криминогеното политичко подземје за време на неговото владеење Никола Груевски. Тоа беше капката што го прелеа пехарот на неправдата и што од сите нас побара соодветна реакција, рече Кирацовски на прес-конференција во Собранието.

Со законските измени, како што појасни, се предлага периодот на апсолутна застареност да се зголеми за една третина од моментно пропишаниот рок.

– Тоа значи дека доколку биде прифатено ова законско решение, апсолутното застарување на кривичното гонење ќе настапи кога ќе помине период три пати подолг од пропишаната казна за тоа дело. Дополнително, во законот би се додал нов став, кој предвидува доколку пред истекот на роковите за застареност е донесена првостепена пресуда, застареноста на првичната пресуда ќе се продолжи за уште две години, рече Кирацовски.

Со овој предлог, според него, ќе се спречи злоупотреба на институтот апсолутна застареност на сметка на владеењето на правото и заштитата на јавниот интерес.

Кирацовски очекува измените на ова законско решение да бидат прифатени од сите 120 пратеници, бидејќи се јавен интерес.

Според него, предлогот ќе биде само „иницијална каписла за да се отворат сите можни предизвици и проблеми“ со Кривичниот законик и потребите во судството и за неказнивоста на сите оние што се огрешиле.

Доколку се погледне статистиката на застарени предмети, како што посочи тој, најчесто застаруваат делата од триесеттата глава од Кривичниот законик – кривични дела против службената должност, односно оние чии последици најмногу се рефлектираат на нашата држава.

Најголем број забелешки во извештаите што Република Северна Македонија ги добива од меѓународните партнери се однесуваат токму на оваа сфера, односно на владеењето на правото, одолжување и застарување на постапките и неселективна правда.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, изјави дека не го виделе текстот за измени на Кривичниот законик предложен од нивниот колега Александар Кирацовски во делот на заострување на времетраењето за застарување на кривичните дела особено за избрани и именувани лица, но оти првично за нив е прифатливо ова законско решение.

– Во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ прв столб е владеење на правото и нулта корупција. Ова законско решение ВМРО-ДПМНЕ сериозно ќе го разгледа, но и ќе проба да го подобри, да се внесат одредени работи – да се испитува потекло на имот, да не застаруваат дела на функционери и високи политичари и да не можат аболицирани лица да бидат избрани на високи и раководни позиции, да нема амнестија за високи функционери. Тоа се некои од основните постулати што ВМРО-ДПМНЕ ги ветуваше, рече Мицевски.

За неговиот сопартиец Димче Арсовски спорно е што токму Кирацовски поднесува ваков предлог-закон, бидејќи беше споменуван во јавноста, како што вели, во најголемиот случај на рекетирање.

Посочи дека нивната програма се базира на три столба, едниот е право и правдина, односно нулта корупција, вториот е економија и третиот е дигитализација на општеството.

– Нормално првиот столб, кој е право и правдина, го поддржува и секако го поздравува овој предлог-закон, меѓутоа ние исто така ќе побараме секој што ќе се бави со политика и што има намера да се бави да му се врши проверка на потекло на имот, исто така ќе побараме аболицирани, амнестирани лица да не можат повеќе да се бават со политика и нормално да не застарат сите оние дела на висока корупција. Тоа најверојатно можеби е една од причините поради кои Кирацовски го поднесува овој закон за на некој начин да се заштити доколку нешто правел во минатото, рече Арсовски.

Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, во јуни 2019 година во врска со обвинувањето од Специјалното јавно обвинителство дека нивните предмети во Кривичен суд траат предолго поради одложувањето на рочиштата рече дека статистиката покажува оти одложувањата најчесто се поради отсуство на некој од обвинетите или адвокатите кои не се присутни поради друго судење.

За 15 предмети на СЈО посочи дека има насрочувања скоро секој ден, односно насрочени се 372 рочишта од кои 248 или 66 отсто се одржани, а 124 биле одложени.

Нагласи дека започнувањето на предметите од почеток се случило кај четири предмети, кај еден од нив поради промена на еден од судските поротници, а во трите случаи поради тоа што во рок од 90 дена не бил одржан претрес. Промена на судски поротник имало во случајот „Тортура“, а претрес во рок од 90 дена немало во „Трезор“, „Насилство во Општина Центар“ и „Тендери“.

Би можело да ве интересира

Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира на назначувањата во Академијата за судии и јавни обвинители

Панова: Успешно ли е кога довербата во правосудството е минорни два отсто?

Левица: Одговорност за бегството на Рамадани Владата да бара во сопствените редови

Хисени: Признавањето вина од Мемети и од Георгиев – горчлив доказ за понатамошното намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем

ВРЕДИ најави уставен амандман за повратно дејство во случаи со застарени кривични постапки за функционери

Катерина Ѓуровски

Во Обвинителството и судството парите од буџетот за нови вработувања ги пренаменувале за плати велат од Финасии