Изложба на етнографска збирка во манастирот „Св. Јован“ во Ржановце

Од:

Во манастирот „Св. Јован“ во кумановско Ржановце денеска беше отворена етнолошка изложба на која се претставени автентични примероци од македонската традиција и обичаи, кои ги собирал Злате Давитковски во текот на 40 години.

Музејската поставка е мал дел од неговата збирка од 2.100 вредни етнолошки предмети, меѓу кои најстарите датираат од крајот на 19 век. Презентирани се народни носии од сите краишта на Македонија и од регионот, традиционални керамички, порцелански и стаклени садови, музички инструменти и многу други вредни експонати од македонското културно наследство.

Изложбата ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која истакна дека примероците најсликовито ја раскажуваат етничката и културната историја на Македонија.

– Истовремено, тие се и доказ за врвната умешност на македонскиот занаетчија кој секогаш, спојувајќи ги практичноста и естетиката, создавал уметничко дело. Верувам дека оваа нова поставка ќе биде провокација за сите посетители на ова место, кои и досега со голем интерес го посетуваа село Ржановце, за да се запознаат со вредното богатство што го поседува Давитковски, рече Канческа-Милевска.

Според вредноста и бројноста на етнолошките предмети и според оценката на етнолозите, етнографската збирка на Давитковски е меѓу најголемите приватни збирки на народни носии и други изработки од текстил во Македонија.

Би можело да ве интересира

Од печат излезе нова книга на Авдулах Рамчиловиќ: “Има време”

„Матица македонска“ го објави романот „Турчинот шахист“ од Шурбатовиќ во превод на македонски јазик

Почина познатата шпанска актерка

Украина го критикуваше Вуди Ален за неговото учество на Московската филмска недела

Претседателката Сиљановска-Давкова ги отвора 64. Струшки вечери на поезијата

По Материјата-заедничка изложба на наши и уметници од Грција и Албанија