Изградените објекти изземени од обврската за енергетски пасош

Од:

Собранието на Република Македонија денеска на 37-ма седница по скратена постапка го донесе Законот за изменување на Закон за енергетика. Министерот за економија Беким Незири рече дека со измената се предлага серитификат за енергетска ефикасност или т.н. енергетски пасош, што е обврска од 1 март 2015, да важи само за новите градби, а не и за објектите кои се веќе изградени.

Пратениците ја усвоија одлуката за испраќање припадник (штабен офицер) на АРМ за учество во новата мировна мисија на НАТО во Авганистан, именувана „Одлучна поддршка“. Министерот за одбрана Зоран Јолевски рече дека македонскиот војник ќе биде во заедничката единица на А5.

Република Македонија учествува во мировни мисии во Авганистан од јули 2002 и на шест месеци тие се обновуваат. Пратеникот Влатко Ѓорчев рече дека со континуирано учество во мисиите, РМ ја покажува својата определба за членство во Алијансата, а македонските војници добиваат признанија дека своите обврски ги исполнуваат со највисоко ниво на перофесионализам.

Пратениците донесоа и одлуки за нови состави на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, на Советот за научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“ и за објавување оглас за именување членови на Државната комисија за спречување на корупцијата. Назначувањата се поради истечен или пред завршување мандат на сегашните состави на овие тела.

Пратеничката Роза Топузовска смета дека 28 членови во Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата е преголем број и забележа дека предложените лица не се стручни. Само двајца од вкупно 29-те, рече таа, имаат соодветна професија, а за четворица не била наведена струката. Според предлагачот Зоран Илиоски, областа за која е надлежен овој совет е комплексна и не мора, рече тој, сите негови членови да бидат сообраќајни инженери.

Поголем дел од точките на дневниот ред на денешната седница беа предлог-закони во второ читање. Во претпладневниот дел на седницата беа донесени: Закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи, под архивски број 08-521/1; Дополнет предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи (амандманска интервенција на членовите 3 и 4); Закон за изменување и дополнување на Законот за полиција; Закон за изменување на Законот за управната инспекција; Закон за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор; Закон за изменување и дополнување на законот за финансиската полиција; Закон за изменување и дополнување на Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис; Закон за изменување и дополнување на Законот за Царинската управа.

Беа донесени и Дополнет предлог на закон за изменување на Законот за денационализација; Закон за изменување на Законот за издавање обврзници на Република Македонија за денационализација; Закон за изменување на Законот за начинот и постапката на исплатување на депонираните девизни влогови на граѓаните по кои гарант е Република Македонија; Закон за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија; Закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите; Закон за дополнување на Законот за судска служба; Закон за дополнување на Законот за техничката инспекција; Закон за изменување и дополнување на Законот за Државен пазарен инспекторат и Закон за дополнување на Законот за концесии и јавно-приватно партнерство.

Би можело да ве интересира

Катерина Димитровска пратеничка во Собранието на местото на Марија Митева

Собранието доби „глува соба“ за доверливи документи

Катерина Ѓуровски

Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства пред собраниската Комисија за политички систем

Петрушевски: ЕК извештајот констатира дека судиите често избегнуваат одговорност преку правни лавиринти и застарување на предметите

Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам и Законот за експропријација

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки