Партиските лидери во понеделник на пладне повторно ќе седнат на заедничка маса кај претседателот Пендаровски за да се обидат да усогласат датум за предвремените парламентарни избори. Вонредната состојба е продолжена за 14 дена, со што, според проценките, 21 јуни би бил најверојатниот датум за изборен мегдан.
Вонредната состојба би завршила на 30 мај, по што според Уредбата со законска сила и заклучокот на кој стави потпис и прrвиот човек на ДИК, продолжуваат да течат преостанатите рокови од изборните дејства.
ДИК ќе мора да донесе нов календар роковник и да се работи на прочистување на избирачкиот список во кој ќе бидат додадени лицата кои во меѓувреме наполниле 18 години и да бидат избришани починатите лица.
Комисијата, според барањето, му достави мислење на претседателот Пендаровски за изборниот процес и неопходната временска рамка со барање за донесување нова Уредба со законска сила.
Уставниот суд веќе се произнесе дека нема повторување на изборните дејства, туку тие продолжуваат каде што се застана, според што остануваат 22 дена по укинување на вонредната состојба.
Изготвени се протоколи од Комисијата за заразни болести за безбедно одвивање на гласањето, а набљудувачката мисија ОБСЕ/ОДИХР позитивно одговори и е подготвена да го следи текот на изборниот процес.