Претседателот Стево Пендаровски утре ќе ја соопшти својата одлука дали ќе донесе прогласи нова вонредна состојба или ќе го почитува ставот на министерот за здравство и Владата дека нема потреба од неа.
Пендаровски, сепак, е поблиску до ставот да не прогласи нова вонредна состојба, со што ќе отвори простор за одржување на предвремените парламентарни избори.
Доколку се оди според Уредбата на Владата кога се пролонгираа изборите, изборите би се случиле на 5 јули. Сепак партиски избори наведуваат и дека можни термини се 8 или 12 јули.
Партиските табори и натаму се со спротивставени ставови, иако сите едногласно наведуваат дека здравјето на граѓаните им е најважно.
Вчера Мицкоски и Заев имале телефонски разговори со еврокомесарот за проширување и соседска политика на Европската Унија Оливер Вархеји. Веста на Твитер ја објави еврокомесарот, но изостана потврда од партиските штабови.
„Разговарав со лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за да ја нагласиме важноста за слободни, фер и инклузивни избори во Северна Македонија, земајќи ја предвид ситуацијата со Ковид-19, како и потребата од ефикасни мерки за економско закрепнување, напиша Вархеји.
ДИК се уште не ја разгледала синоќешната Уредба на Владата која ги задолжи МВР и ДИК да ги продолжат подготовките за организирање на изборите, во пресрет на истекувањето на вонредната состојба, како и Министерството за здравство, согласно протоколите од Комисијата за заразни болести, да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.
Во Државната изборна комисија има разногласие, првиот човек Оливер Дерковски смета дека рокот за ажурирање на избирачкиот список е многу краток. Дополнителен проблем може да внесе и најавата делови од администрацијата која е дел од изборните органи да одбиваат да учествуваат во изборниот процес, иако тоа и е законска обврска.
Се чека и ставот на ВМРО-ДПМНЕ дали ќе учествуваат или ќе ги бојкотираат изборите, слично како во 1994 година кога ВМРО-ДПМНЕ и ДП се откажаа од изборниата трка меѓу двата изборни круга, а Парламентот 4 години работеше без опозиција. Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР веќе излезе со став дека е подготвена да ја продолжи набљудувачката мисија на предвремените избори во Македонија, но чекаат официјална одлука за датумот на изборите.