„И денеска продолжува лажната конструктивност на ВМРО-ДПМНЕ. Едно зборувавме на координацијата, слушаме дека Ставрески изјавува нешто сосема друго. Едно побараа од нас, сега прават нешто друго. Како и да е, координацијата ќе продолжи“, рече Игор Ивановски, член на извршен одбор на СДСМ и пратеник и додаде:
После неколку дена инаетење од страна на власта и на министерот, тие од нас побараа нашиот план за штедење да го преточиме во амандмани. И тие признаа дека нашиот домаќински, разумен, рационален предлог за буџетски заштеди од 204 милиони евра многу лесно може да биде деловнички. Ве информирам дека на продолжението на координацијата нашиот план за штедење ќе го направиме формално-правен и издржан, за да може да стане дел од оваа собраниска расправа. Не со нови, туку со само еден амандман. Ќе предложиме од кои ставки да се скратат 204 милиони евра и во оваа криза и сиромаштија да имаме народен македонски буџет, буџет за сите граѓани и за стопанството.
Ако се искрени и паметни, до сега не беа, ќе треба да го прифатат. Во таква варијанта, буџетот ќе се донесе таков како што треба и доликува. Што ќе одлучи, иако веќе ги чувме изјавите на Зоран Ставревски во име на владата ќе видиме. Оттаму би сакал да порачам и да ве информирам за три работи:
1. Предлогот на Зоран Ставрески да се гласа буџетот и задолжувањето од нови 250 милиони евра и тие пари да се ставеле на тековната сметка на Народна банка, не е предлог. Тоа е предлог повторно за задолжување и луксуз на Владата. Нашиот предлог е да се намалат 204 милиони евра и во таква ситуација нема да има потреба од нови задолжувања. Ние сме принципиелни. Нови задолжувања не треба да има – ни пред, ни за време, ни по избори. Владата треба да си ја намали чергата и ако сите страдаат и штедат, таа треба да биде првата. Оттаму, неговиот предлог не го сметаме ни за предлог и остануваме преку еден амандман да се скратат 204 милиони евра, да се штеди и да нема потреба од нови задолжувања за да Македонија не влезе во грчкото сценарио.
2. Како и досега, така и сега и понатаму немаме намера да се пазариме, лицитираме и ценкаме со парите на граѓаните и интересите на оваа држава. Тоа што вчера Ставрески најави дека прифатил 33 амандмани на коалицијата не значи ништо. Само за информација, Ставрески не сака да се откаже од 2,7 милијарди евра штетен буџет, не сака да се откаже од 300-500 милиони евра ново задолжување и за сегашните и за неродените луѓе, а прифатил амандмани на опозицијата од 3 милиони евра. Знаете колку се тие амандмани? Помалку од хонорарот на Валентина Стефаноска. Затоа, нема да ги повлечеме преостанатите амандмани. Со парите на луѓето, со интересите на државата не се пазариме. Ако се паметни и искрени ќе го прифатат нашиот предлог.
3. Многу прецизно сакам да информирам дека сите на таа маса на координацијата се согласија дека секој обид надвор од Устав, закон за Собрание и Деловник за прекинување на собраниска расправа за буџет и носење на насилен начин на буџет е незаконски. Дебатата на комисијата за финансирање и буџет и на законодавно-правната комисија и со и без дописот на Ставрески, и со и без читањето не може да се прекине и нема да се прекине ако се почитуваат Уставот, законот и Деловникот. Ние нашите амандмани не ги повлекуваме, но повторно потврдуваме – ако уште малку им останало желба за сценарио за партиски пуч во ова Собрание, предупредуваме веднаш да се откажат, бидејќи последиците ако се уште размислуваат на него, а познавајќи ги размислуваат, ќе бидат несовладливи и ќе бидат на штета на целата држава. Целата одговорност ќе падне на власта и на Трајко Вељаноски како спроведувач на тоа сценарио во ова Собрание.