Мојот став за мандатот останува непроменет, правната и политичката пречка мора да се отстранат. Целта на двата услова е новата влада да не биде оспорена од ниту една страна и по ниту една основа. Мојата одлука е превентивна за да спречиме штетни последици со кои би се соочиле, рече Претседателот Ѓорге Иванов.
-Детално го запознав претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, со моето уставно овластување како претседател на Република Македонија како и со воспоставената практика од 1992 година за определување на мандатор за состав на нова Влада, вели Иванов.
Според него уценета влада е нестабилна влада со краток рок на траење и штетни последици. Тој посочи дека императив на партиските лидери треба да биде спроведување на ургентните реформски приоритети. Како што кажа, прва точка на дневниот ред на партиите и пратениците треба да бидат европските реформи, а не спроведување на постизборна платформа креирана во туѓи држави.
– Се нарушуваат добрососетските односи со директно мешање во внатрешните работи на Македонија, се поттикнуваат тензии во меѓуетничките односи, се манипулираат граѓаните со прашања кои се надвор од рамковниот договор, се бара промена на Уставот. Затоа на Република Македонија и се потребни европски реформи, а не туѓи платформи. Како држава мора да се фокусираме на реформи, само реформите ќе ни помогнат да го искорениме коренот на политичките кризи, вели Иванов.
Тој напомена дека Европската Унија треба да најде начин процесите на пристапување да не се злоупотребуваат за уцена при решавањето на билатералните прашања и дека блокадата на евроинтеграцискиот процес на Македонија мора да прекине и тоа час поскоро.
Покрај политичката криза, тема на разговор на средбата која се одржа во претседателската вила на Водно беше и мигрантската криза. Иванов изрази јавна благодарност до претседателот на ЕС, Туск за неговиот личен ангажман за справувањето со бегалската криза.
-Претседателот Туск е искрен пријател на Република Македонија и поддржувач на нашите европски аспирации.Тој имаше големо разбирање за товарот како држава го носевме со мигрантската криза особено од безбедносен аспект на истата, рече Иванов.
По средбата, Иванов изјави дека Република Македонија останува на ставовите и барањата изнесени на состанокот на шефови на држави и влади во Брисел во октомври 2015-та година каде бил искажан интерес за правната рамка за партнерство со унијата во однос на три прашања, заштита на границите, контратероризмот и кризниот менаџмент во усвојна блокада на евроинтеграциите.
-Македонија е чувар на портите на Европа и повеќе од 19 месеци врши контрола на преминот за влез на најбрзиот мигрантски коридор што води кон Европа, мојата порака до ЕУ е јасна, помогнете ни за да ви помогнеме. Помагајќи и на Македонија си помагате себе си, рече Иванов.
Виктор Јованов