Иванов: МАНУ е темел врз кој ќе се градат мостови со светската наука и уметност

Од:

МАНУ денеска 45 години по формирањето има историска можност и генерациска одговорност да им го овозможи на идните генерации она за што е формирана, истакна претседателот Ѓорѓе Иванов во своето обраќање на свечената академија по повод 45-годишнината од формирањето на МАНУ.

Да биде генератор за развојот на науката и научната дејност во Република Македонија. Темел врз кој новите генерации ќе може да градат мостови на поврзување со светската наука и уметност, додава претседателот.

Изминатите децении, како што посочи, во рамките на МАНУ беа формирани центрите за генетско инженерство и биотехнологија, за енергетика, информатика и материјали, за ареална лингвистика, за лексикографски истражувања и за стратегиски истражувања, кои станаа препознатливи во пошироки рамки.

– Свесни сме дека академиите не се само место за складирање на знаењето, туку институции за нудење решенија за проблемите и предизвиците на оваа и идните генерации, кои имаат потреба од анализирање и решавање на проблемите. Затоа, неопходно е да се отвори вратата за современите научни дисциплини кои не се изградени околу функциите и институциите, туку околу проблемите, резултатите и решенијата, рече Иванов.

МАНУ, како што истакна претседателот Иванов, треба да продолжи да биде жариште и светилник на иновативниот и креативниот македонски дух.

– Светилник што ќе ги насочува младите македонски научници кон врвните научно истражувачки центри во Европа и светот, за повторно да ги врати во Македонија, со акумулираното и применливо знаење. Верувам дека тоа ќе биде најголемата инвестиција во младите научници. Верувам дека така МАНУ најдобро ќе ја оствари својата значајна функција, рече претседателот Иванов.

Претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски во своето обраќање на Денот на МАНУ истакна дека во текот на изминатиот 45-годишен развој Академијата остана верна на појдовната концепција врзана за улогата и значењето на науките и уметностите во македонското општество.

Само разумното и свесно самоодредување на човекот и неговите колективитети, ориентирано кон основните вредности на хуманото демократско и праведно општество на слободни луѓе го гарантира неговиот напредок. Тоа сфаќање претставувало и претставува идеја-водилка што ги одредувала и ги одредува природата и задачите на Академијата како највисока научна и уметничка институција, рече Камбовски.

Претседателот на МАНУ во своето обраќање посочи дека иницијативите и партиципацијата на Академијата во утврдувањето и спроведувањето на научната и културната политика на државата врз критериумите и стандардите на ЕУ треба да претставува една од нејзините стратешки цели за периодот до следниот голем јубилеј – 50-годишнината од нејзиното основање.

– Програмската ориентација на МАНУ мора да биде уште повеќе насочена кон отворените проблеми и перспективи на развитокот на македонското општество, рече Камбовски.

Според него, покрај решавањето на политичките, економските, социјалните и другите проблеми на развојот, кои претпоставуваат многу посериозен научен приод, треба да се потсети дека врз Република Македонија, како што рече,  „кружат сеништа од минатото што можат да се уништат само со глогов колец на засилена културна акција“.

– Елементарен услов за тоа е развивањето на културата на толеранција и дијалог, а науката и уметноста, како и институциите кои се занимаваат со таквата дејност не можат да ја одбегнат одговорноста за дејствување како ефикасен механизам на соработка и комуникација и како мост на разбирање и пријателство кон нашите соседи и пошироката меѓународна заедница, рече Камбовски.

Во актуелната политизација во сите сфери на македонското мултинационално, мултиконфесионално и мултикултурно општество, како што истакна тој, МАНУ мора да го сочува не само својот авторитет, автономност и дигнитет, туку и безрезервно да се заложи за зачувување на автономноста на науката и уметноста воопшто како битни подрачја на цивилната сфера на општеството.

– Како институција што и припаѓа на целата македонска наука и култура, без етничка, политичка, идеолошка, културна и друга обоеност, на МАНУ и е судено да реагира на анахронизми од секаков вид што ја попречуваат слободата на научното и уметничкото творештво со силата на научни аргументи и со афирмација на универзални уметнички вредности, истакна Камбовски.

Во оваа пригода признание „Блаже Конески“ им беше поделено на Олга Панкина, Петар Рау и Зденка Рибарова. Панкина од Руската Федерација го доби признанието за посебен придонес во афирмирањето на македонската литература и култура на руското говорно подрачје, Рау од Сојузна Република Германија, за посебен придонес во афирмирањето на македонската поезија, литература и јазик на германското јазично подрачје и  Рибарова од Република Чешка, за посебен придонес во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик.

Би можело да ве интересира

МАНУ: Во Македонија постои само една национална академија

ВРЕДИ почна да го реализира планот за албанска Академија, ќе ја финансираат општините со нивни градоначалници

Катерина Ѓуровски

Штрајкуваат вработените во МАНУ, бараат повисоки плати

Горан Наумовски

Влен: Академијата за науки и уметности на Албанците не треба да се гледа како контраст или паралелизам на МАНУ

Муртезани: Не можам да тврдам, но има перцепција дека во МАНУ нема пристат за други етнички заедници

Претседателство на МАНУ: Академијата е отворена за сите што ги исполнуваат критериумите, да не се вовлекува во дневнополитички расправи