Иванов: Должност ни е да го зачуваме споменот на депортираните македонски Евреи во Треблинка

Од:

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов вечерва истакна дека 7.144 македонски Евреи кои беа депортирани во логорот Треблинка во Втората светска војна не се само статистика, туку секој од нив има име и идентитет и оти наша должност е да го зачуваме споменот за нив бидејќи само така ќе ја задоволиме правдата и ќе имаме мир.

Иванов, на комеморативната седницата по повод депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, рече дека тој настан претставува најефективно извршување на „последното решение на еврејското прашање“ во светот во согласност со монструозните заклучоци од Ванзенската конференција од 20 јануари 1942 година.

Депортираните 7.144 Евреи кои завршија во логорот Треблинка, претставуваа 98 отсто од севкупната еврејска популација на окупирана Македонија, од кои 50 отсто беа деца. Запрепастувачки е податокот, како што кажа тој, дека екстерминацијата на речиси 900.000 Евреи во Треблинка, меѓу кои беа и македонските Евреи, е спроведена од само 150 лица.

Зад овие застрашувачки статистики, потенцираше Иванов, се наоѓаат вистински луѓе, наши сограѓани, секој со своето лично име и со својата животна приказна.

– Една мудрост вели дека во името е суштината, и затоа имињата и идентитетите толку често биле оспорувани бидејќи ја отсликуваат посебноста. Не сакам да споредувам трагедии, бидејќи ништо не може да се спореди со трагедијата на Холокаустот, но, сево ова треба да ги замисли сите оние кои со голема леснотија лицитираат со лични и колективни имиња и идентитети, вклучително и со македонското име и со македонскиот идентитет, рече шефот на македонската држава.

За разлика од западноевропската традиција на толеранција, како што кажа Иванов, Македонија има филозофија на почитување и прифаќање на различноста, која е фундаментално различна од толеранцијата.

– Македонците не ги толерираа, туку ги почитуваа и ги прифаќаа Евреите како вистински сонародници, како неотуѓив дел од Македонија, во духот на македонскиот модел на соживот, рече претседателот Иванов.

Како нераздвоен дел од македонското општество, Еврејската заедница, додаде, е гарант и за пријателските односи меѓу Македонија и Израел.

Пеколниот круг на лагата што започна со антиеврејската пропаганда и кулминираше со Шоа, кажа Иванов, се затвора со современите обиди за негирање на вистината за Холокаустот.

– Како држава ние треба да го пронајдеме вистинскиот баланс меѓу гарантирањето на слободата на говорот и борбата против говорот на омраза, рече Иванов.

Заменик-министерот за одбрана на Израел Ели Бен Дахан сподели впечатоци од активностите организирани од Владата во спомен на жртвите од Холокаустот и изрази благодарност за напорите за зачувување на споменот, зајакнување на односите и поддршката на Еврејската заедница.

Изрази надеж дека Фондот на жртвите од Холокаустот ќе вложи посебни напори за да ги помогне проектите не само во Битола, и Штип, туку исто така и во Стоби за најстарите еврејски гробишта на Балканот од четвртиот век, место, како што рече, кое може да стане центар за еврејскиот туризам, но и многу други локации на еврејско наследство на кои се уште не е обратено внимание.

– Се надевам дека важниот чекор што Владата на РМ го презема во однос на враќањето на еврејскиот имот и создавањето на Фондот ќе ги добие потребните корекции за да одговори на целите за кои беше создаден да ги исполни, рече Дахан.

Како што укажа претставникот на Американскиот еврејски комитет и претставник на ОБСЕ, претседавач за борба против антисемитизам, рабинот Ендру Бејкер, Македонија треба да служи како пример за другите држави укажувајќи на постоењето на Меморијалниот музеј на жртвите со постојана изложба.

– На овој ден на сеќавање нашата верност кон оние што загинаа ќе се мери не само со нашата способност да се потсетиме на нивните приказни, туку и со нашата флексибилност да спречиме повторување на таквите злосторства, рече Бејкер.

За претседателката на Еврејската заедница во Македонија Берта Романо Николиќ Холокаустот останува општо мерило на најголемото можно човечко зло кое се случи и во Македонија.

– Во име на светлината простуваме, но не забораваме и никому и никогаш да не се повтори, рече Романо Николиќ.

На комеморативната седница присуствуваше премиерот Зоран Заев, претседавачот на Советот на министри на БиХ Денис Звиздиќ, евроамбасадорот Самуел Жбогар и други членови на дипломатскиот кор, личности од ооштествениот и јавниот живот во државава, претставници на Еврејската заедница од Македонија и од странство и други.

Активностите за одбележување 75 години од депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка продолжуваат и утре со Маршот на живите, обраќањата на премиерот Заев и на неговиот бугарски колега Бојко Борисов пред споменикот на Евреите кај поранешниот Монопол и собраниска седница посветена на депортацијата.

Би можело да ве интересира

Планирал да го нападне Еврејскиот центар во Њујорк, одбрал симболичен датум

Се зголемува бројот на антисемитски инциденти во Германија

Горан Наумовски

Заменик-министерот за одбрана на Русија обвинет за поткуп од една милијарда рубли

Горан Наумовски

Во Скопје се одбележуваат 81 година од депортирањето на македонските Евреи

Во Штип се одбележаа 81 година од депортацијата на Евреите во логорот на смртта „Треблинка“

Иванов: Се исполнува визионерскиот став на Кисинџер дека за конфликтот во Украина кога тогаш мора да почне дијалог

Горан Наумовски