Денес, го славиме 22. роденден на независна, самостојна и суверена Република Македонија. Во текот на еден човечки живот, 22 години се период на зреење и преминување во доба на зрелост. Во историјата на една држава, пак, 22 години се само миг. Во изминатите 22 години, многумина се сомневаа во нашата зрелост, истрајност и способност да имаме сопствена држава, Ние издржавме на нашиот праведен пат и го исполнуваме сонот на илинденците и АСНОМ-ците. Повеќе од јасно е кои сме, каде сме и каде сакаме да бидеме. Да ја направиме Македонија победнички тим во секоја област.
Ова го истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во своето обраќање вечерва на свечената академија по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија во Македонската Опера и Балет пред државниот врв, министри пратеници, дипломатскиот кор… Тој посочи дека државата е како едно семејство, а за секое семејство, една од најважните нешта се соседите, бидејќи секое семејство сака да живее во добро соседство.
Потсети дека првиот ден на независноста започна во едно турбулентно време на болна трансформација и транзиција на нашиот регион, а во такви сложени услови, Македонија, рече, се определи да биде добар сосед, да биде фактор на мирот и стабилноста, да помогне во градењето на напреден и просперитетен регион. Тоа, додаде, воопшто, не беше лесно, а не е лесно ниту денес. Но, земјата постигна многу и денес регионот, вели, е драматично променет на подобро.
Тој сепак подвлече дека предрасудите кај некои политички елити сеуште создаваат проблеми во односите меѓу државите во регионот. Но, желбите на граѓаните да бидат дел од европското и евроатлантското семејство се многу посилни од предрасудите.
– Патот на евроинтеграциите, што е воедно и пат на иднината, успешно ги заобиколува и предрасудите, како навидум непремостливи препреки. Сите ние што сме избрани од граѓаните целосно се водиме од принципот на отвореност кон сите. Ги унапредуваме старите и создаваме нови пријателства за Македонија. Никогаш не сме ширеле стравови и предрасуди, никогаш не сме оспорувале никого. Не случајно, Македонија го иницираше Дијалогот меѓу цивилизациите, и е препознаена и ценета во рамките на Алијансата на цивилизациите. Отвореноста и почитувањето на различноста е моќта на Македонија, рече шефот на државата.
Тој посочи и на како што вели, многуте предизвици на внатрешнополитилчки план во изминатите 22 години и трошењето премногу време во кавги, докажувања и себедокажувања на сметка на успехот на државата.
– Во овие 22 години на внатрешнополитички план имавме многу предизвици. Многу од ненаучените лекции од нашиот премин во демократија и денес ги попречуваат успехот, напредокот и иднината на Република Македонија. Трошиме премногу време во кавги и расправии, докажувања и себедокажувања. Тоа не ни користи. Можеби и настаните од 24 декември не требаше да се случат. Но, тоа треба за нас да биде научена лекција. Затвораме едно поглавје што не треба никогаш да ни се повтори. Тоа го направивме за самите нас, но очекуваме да биде вреднувано и од ЕУ. Да не заборавиме дека интеграциите се наша цел, а не средство за бесконечно истоштување во политички расправии. Интеграциите се цел за обединување, а не за разединување. Токму затоа се и стратешка цел на Република Македонија, рече Иванов.
Се осврна и на вредностите на нашето многуетничко, многујазично и многурелигиско општество кои за други општества се сè уште предизвик, како чесноста, почитувањето на разликите, прифаќањето на различноста, меѓусебното разбирање, кои нè прават различни од другите и кои треба да ги заштитиме и да им ги пренесуваме на нашите деца.
– Затоа, денес, на Денот на независноста, ве повикувам да ја почитуваме Македонија со сите нејзини специфичности. Да ја сакаме Македонија со сета нејзина различност. Да го заштитиме и да го чуваме нашиот начин на живот, нашите вредности, рече шефот на државата.
За тоа каква Македонија ќе изградиме, додаде, одговорен е секој поединец, а нашите одлуки и дела ќе бидат преиспитани од најважните судии.
– Првиот судија е историјата, што им дава признание на оние што придонеле со дело, хероизам и пожртвуваност, а им пресудува на оние кои работеле против интересите на државата, народот, граѓаните. Вториот судија се самите граѓани, кои во демократијата ја имаат моќта и знаат да ги наградат оние што придонесуваат за општото добро, за Републиката, за Македонија. Македонските граѓани се праведен и мудар судија кој знае да каже дали и колку некој работел за нивните интереси, рече претседателот Иванов.
Според него, истоштувајќи се со прашања кои не го заслужуваат вниманието, се чини како да ни бегаат од видот главните предизвици на нашето општество, на времето во кое живееме.
– Како да ни недостасува дебата за реалните проблеми, која нема да ја преминува границата на јавната пристојност. Граѓаните очекуваат од сите вклучени во политиката, економијата и цивилното општество, во медиумите, невладиниот сектор и јавната администрација да го најдат своето вистинско место во Република Македонија. Државата може и сака да биде партнер на секој оној што сака го прошири хоризонтот, да се труди да биде подобар. Да создава подобри услови и амбиент за живот во Македонија, истакна Иванов.
Нашата цел, додаде тој, се конкурентноста на економијата, растот на вработеноста, достигнувањето на деловните стандарди и привлекувањето нови инвестиции. Цел е и обезбедување квалитетно образование и квалитетни услуги кои граѓаните од администрацијата.
– Доста ни е од теми кои служат само за сеење страв и недоверба. Тие не го заслужуваат нашето внимание. Патриотизмот не се докажува со збор. Граѓаните многу добро го препознаваат вистинскиот патриотизам. Чин на врвен патриотизам е подобрувањето на животниот стандард на граѓаните, отворањето нови можности и перспективи за нашите деца и студенти. Достигнување на највисоки стандарди во здравството, земјоделието, индустријата. Овозможување достоинствена старост на пензионерите. Севкупен просперитет и развој на Македонија. Затоа, длабоко ја почитувам посветеноста на Владата на Република Македонија што посветува толку многу време за да ја направи Македонија подобро место за живот. Делата се патриотизам, а не празните зборови, подвлече Иванов.
Укажувајќи на Гоцевите зборови дека „ропството Македонецот ќе го прекине тогаш кога тој ќе прекине да биде роб во душата“, подвлече дека кога ќе се ослободиме од ропството на предрасудите, лошите мисли и зборови, ќе може целосно да се посветиме на заедничкото добро на државата. Како пример ги псоочи спортистите, кои обединети во државната репрезентација и носат успеси на државата со кои сите се гордееме и коишто нè обединуваат.
– Со нашите спортисти сме и во победите и во поразите. Ги бодриме на трибините и на спортските терени. Ги храбриме и во земјата и во странство. Со нив сме секогаш, бидејќи, знаеме дека вистински пораз е само ако не се обидеш да победиш, ако не се осмелиш да излезеш на теренот. А нашите спортисти се храбри и смели и достоинствено ја претставуваат Македонија каде и да се. Да учиме од спортистите. Да ја направиме Македонија победнички тим во секоја област на нашето живеење. Во секој општествен сегмент, во секоја професија потребна ни е посветеност што доликува на државна репрезентација, потенцира претседателот Иванов.
Меѓу дригото, го повтори неговиот повик да ја градиме Македонија во височина – со највисоки стандарди, критериуми и принципи и да не бараме изговори за неуспехот, бидејќи, вели, изговорите се последната станица што води до лагата и себезалажувањето.
Сè што е направено и сè што се прави за младите е влог во иднината, оценува шефот на државата.
– Велат дека минатото не се менува. Но, јас велам дека тоа е само делумно точно. Ако денес ја менуваме сегашноста, таа утре ќе биде минато на нашите потомци, кои ќе нè спомнуваат или заборават зависно од тоа дали сме вложиле во нив или не. Затоа, ве повикувам, уште денес да го смениме минатото на нашите деца, за тие утре да имаат подобра иднина. Да бидеме активни граѓани. Во сè што правиме да се водиме од принципите на самоодговорност, самопомош и солидарност. Само така ќе ја стекнеме самодовербата и почитта од другите, рече претседателот на државата Ѓорге Иванов.
ФОТО: МИА