Истражување: Над половина од граѓаните се сметаат за религиозни

Од:

Над половина од населението во Македонија или 52,4 проценти за себе смета дека е религиозно, 30,6 отсто дека е донекаде религиозно, а 16,5 отсто се изјаснило дека е малку или воопшто не е религиозно, со што земјата се смета за генерално религиозна држава, а тоа се однесува и за  православните христијани и за припадниците на исламската религија.

Ова го посочуваат резултатите од истражувањето „Перцепцијата на граѓаните за религијата и нејзината улога во мултиконфесионаните општества спроведено на крајот од ноември од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) заедно со веб-порталот religija.mk и фондацијата „Конрад Аденауер“ на репрезентативен примерок од 1.111 испитаници постари од 18 години.

Вкупно 75 проценти од населението во Македонија и припаѓа на православната религија, 21,6 проценти на муслиманската, додека католици односно припадници на други религии се 0,4 односно 0,5 проценти, а 2,4 проценти од населението за себе смета дека се атеисти.

Сепак, авторите посочуваат дека има разлика меѓу припадност и практикување на одредена религија, со оглед дека првото е повеќе перцепирано како традиција и наследство, додека второто е личен избор на луѓето кои самостојно одлучуваат дали религијата ќе ја практикуваат или не.

На прашањето „дали верувате дека Бог постои како што е напишано во Библијата или Куранот“, „дека не постои, но постои виша сила“, или дека „не постои ниту Бог ниту виша сила“, 63,2 проценти од православните христијани се изјасниле дека веруваат во Бог, 21,9 во виша сила, а 4,6 не веруваат ниту во Бог ниту во виша сила. Кај испитаниците муслимани, 96,7 проценти рекле дека веруваат во Бог, 3,3 во виша сила, а за третата опција не се определил ниту еден. Со тоа, според авторите на истражувањето се потврдува дека Македонија е високо религиозна држава со релативно висок процент на влијание на религијата во секојдневниот живот, иако, се наведува, тоа е поизразено кај муслиманите отколку кај православните христијани.

Вкупно 44,8 проценти од православните и 80,8 отсто од муслиманите потврдно одговориле на прашањето „дали ја читале Библијата, односно Куранот, или делови од нив“. Запрашани „колку често одат во црква/џамија“, само еден процент од христијаните се изјасниле дека секој ден одат во црква, 9,8 секоја недела, 31,3 отсто еднаш-два пати месечно и 41,9 отсто неколку пати годишно, за големите празници. Кај муслиманите 19,2 осто рекле дека одат секојдневно во џамија, 18,3 секоја недела, 10 отсто одат еднаш – два пати месечно, а 13,3 проценти неколку пати годишно за големите празници.

На прашањето „дали за вас е поважна религијата или етничката припадност“, 44,4 отсто од православните христијани изјавиле дека тоа е религијата, додека 16 проценти етничката припадност, а кај муслиманите е присутен спротивен тренд, односно 32,5 отсто изјавиле религијата, додека 38,3 отсто етничката припадност.

Од анкетираните православни христијани, 68,6 отсто рекле дека имаат доверба во Македонската православна црква-Охридска архиепископија, а кај муслиманите 52,5 проценти во однос на Исламската верска заедница.

На прашањето „дали би послушале ако верските лидери повикаат на мир и смирување на страстите доколку постои некој меѓуверски конфликт“, потврден одговор дале 67,4 отсто од православните и 65 проценти од муслиманските верници, со што, според авторите на истражувањето, се потврдува важната улога на верските водачи во градењето на меѓурелигискиот соживот. Запрашани „дали сметаат дека некој се обидува да ја урне меѓурелигиската толеранција во Македонија“, потврдно одговориле 56,6 отсто од православните и 46,7 отсто од муслиманските верници.

Истражувањето е спроведено телефонски со примена на методолошки стандарди, а маргиналната грешка е +/- 2,9 проценти. Целта на студијата е да се добие генерална слика за влијанието на религијата во македонското општество и да се детектираат потенцијалните можности и предизвици од тоа влијание.

Би можело да ве интересира

„Пју“: Во светот расте државниот притисок врз религиите

Трибина на тема „Младите и религијата“

Ана Ололовска

„Нешнал џиографик“: Дали нерелигиозните стануваат водечка „религија“ во светот?

Наум Локоски

Анкета: Европејците помалку заинтересирани за религија од останатите

Ана Ололовска

Религија и секс: Секоја вера има свое правило

Ана Ололовска

Анкета: 84 отсто од населението во Македонија религиозно, а 88 отсто веруваат во Господ

Наум Локоски