Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски денеска соопшти дека Владата не може да води никакви истраги за тоа дали има корупција при јавните набавки за модуларните болници, бидејќи за тоа се задолжени институциите на системот – обвинителствата, судовите и сите оние органи кои, како што рече, ги охрабрува да си ја работат својата работа.
– Никаде не сме кажале дека ќе водиме истраги, заради тоа што ниту имаме ингеренции, ниту законски можности да правиме какви било истраги. Јас лично имам мандат со мандатно писмо од претседателот на Владата да се фокусирам токму на ова што го зборуваме и ние немаме никакви други ингеренции. Да ја зголемуваме транспарентноста, отчетноста, да воведуваме механизми за борба против корупцијата, да воведуваме системски мерки, како што е овој нов портал со кој сите денеска се гордееме што го воведуваме и да воведуваме законски решенија, механизми и политики преку кои ќе ја елиминираме корупцијата на сите нивоа, изјави Николовски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата на која беше промовиран новиот „Електронски систем за поднесување на електронски поплаки и пријави поврзани со услугите кон јавната администрација“.
За трагичниот настан во модуларната болница во Тетово, Николовски нагласи дека за овој случај се очекува независна, транспарентна и брза истрага и постапка која, како што рече, треба да финишира и да се утврдуваат причините зошто се случи овој немил настан.
– Апелирам (случајот) да не се злоупотребува во дневнополитички цели. Навистина граѓаните се гневни што ваков немил настан се употребува од страна на политиката. Само ќе апелирам независните истраги, постапките да се забрзаат и целата јавност да ги знае причните за она што се случи. Обвинителството ја има земено таа обемна документација што се однесува на модуларните болници кои се направени преку проект на Светска банка, посочи Николовски, додавајќи дека токму тие модуларни болници спасија илјадници животи на наши сограѓани кои беа заразени од Ковид-19.
Според него, затоа треба многу одговорно, транспарентно, отворено и непристрасно да ги почекаме сите информации и сите податоци и институциите да си ги водат истрагите.
– Ние сме тука да воведуваме системски мерки и политики кои се однесуваат за борбата против корупцијата за која бараме широка поддршка и широк фронт за заеднички да успееме во таа цел, нагласи Николовски.
На новинарско прашање за тоа дали Министерството за информатичко општество и администрација е одговорно за трагедијата што се случи во Тетово, ресорниот министер Јетон Шаќири, кој присуствуваше на промоцијата на новиот Електроонски систем, не даде коментар