Истечените пасоши не ги прифаќаат сите држави, МНР советува за излез од државата да се користат исправи со валиден рок

Од:

Иако сите држави добиле известување за продолжениот рок на истечените пасоши на македонските државјани, не сите прифатиле овие исправи да бидат валидни. Откако Собранието изгласа пасошите чиј рок на важење е истечен, односно истекува по 31 јули 2020 година, да биде продолжен до 31 декември 2021 година, граѓаните со истечени документи се во недоумица дали да тргнат на пат со вакви исправи оти законските измени беа донесени првенствено за македонските државјани заглавени во странство поради ковид-ограничувањата.

Од Министерството за надворешни работи, кое имаше обврска да ги извести земјите за законските измени, на прашањето од „А1он“ дали истечените пасоши ќе важат за излез од земјава, одговорија дека е најбезбедно е да се патува со валидни документи.

„За жал, и покрај сите напори што Министерството за надворешни работи постојано ги вложува, сепак има држави што потешко се адаптираат на овие промени и ваквите исправи не ги третираат во целост соодветно со измените на законот. Затоа, ги информираме сите граѓани дека најсигурниот начин за патување во странство е со патна исправа на која не ѝ е истечен рокот на важење“, велат од Министерството за надворешни работи за „А1он“.

Од таму не одговорија кои се земјите што не ги прифатиле законските измени, но ги повикуваат сите граѓани што живеат на територијата на Република Северна Македонија да се обратат навремено до Министерство за внатрешни работи како единствена надлежна институција за издавање патни исправи во земјата и да побараат навремено издавање соодветни патни исправи како единствен сигурен начин за патување во странство.

„Во меѓувреме, Министерство за надворешни работи како надлежна институција, ќе продолжи да ги вложува сите напори за да им излезе во пресрет на нашите граѓани во странство, кои, поради рестриктивните мерки, се соочија со дополнителен предизвик за обнова на своите патни исправи“, велат од Министерството за надворешни работи.

Законските измени за продолжување на важноста на истечените пасоши стапија во сила од 1 јули. На социјалните мрежи од минатата недела се појавија разни искуства на Македонци што се обиделе со истечени пасоши да излезат од државата. Едни се жалат дека биле вратени од грчката граница, други дека успеале да поминат откога грчката полиција им одржала лекција, а има и такви што се пофалија дека без проблем ја поминале оваа граница со истечени пасоши.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека тие го почитуваат истечениот рок на документите и за македонската полиција на граничните премини пасошите се валидни, но за другата страна одговара земјата во која се влегува.

Граѓаните веќе цел месец се жалат на огромен метеж за поднесување барања за пасоши. Од Министерството за внатрешни работи велат дека таков метеж бил очекуван бидејќи годинава мерките за заштита од коронавирусот се олабавени и дозволени се патувања, па сите на кои им истекеле пасошите за време на кризата сега побрале да извадат нови, а тука се и оние на кои сега им истекуваат пасошите.

Само минатиот месец, во периодот од 1 до 30 јуни, биле поднесени 41.828 барања за пасош, а метеж имало само во Скопје, каде што веќе се пополнуваат термините за сликање за пасош во август.

„Според извештајот од 1.7.2021 година, закажувањето за поднесување барање за издавање патна исправа во редовна постапка во Скопје е во средината на август 2021 година. Се разбира, во секој момент граѓаните може да побараат патна исправа по итна постапка доколку имаат таква потреба. За другите градови закажувањето е на првиот слободен термин во денот, освен во неколку поголеми градови, како Куманово, Битола и Гевгелија, каде што закажувањето е за 3 до 5 дена“, велат од Министерството за внатрешни работи за „А1он“.

Од МВР нагласуваат дека за да одговорат на зголемениот интерес на граѓаните за вадење патни исправи, продолжено е работното време во пасошките одделенија во земјата.

Би можело да ве интересира

Милошоски: ЕУ земји донеле одлука да ги признават пасошите до септември, Османи ја криел одлуката

Анита Петровска Рајковиќ

Тошковски ќе бара решение како да гласаат над 100.000 граѓани кои немаат лична карта, а имаат пасош без „северна“

Орце Костов

Народен правобранител: Најдовме готови документи на граѓани, а МВР нема увид дека се подигнати

Горан Наумовски

Нема продолжување на рокот на пасошите, граѓаните ќе мора да се туркаат во МВР

Орце Костов

МВР: Скопјани електронски можат да проверат дали им е изработен пасошот

Тошковски: Стариот пасош важи во Германија и Швајцарија, а не важи кај нас, срамота е

Орце Костов