Искуствата на Грција, Албанија и Лихтенштајн не им одат на рака на противниците на игрите на среќа во Македонија

Од:

Македонските приредувачи на различни видови игри на среќа во автомат клубови, казина и обложувалници, здружението на вработени во овој сектор, гласно реагира на усвојувањето нов Предлог закон за игри на среќа од страна на Владата. Во оваа верзија на законот меѓу другите одредби се актуелизира дистанцата од 500 метри на објектите за игри на среќа од основните и средни училишта. Нивните асоцијации постојано предупредуваат дека дислокацијата на објектите ќе предизвика затворање на легална економска дејност и по автоматизам отворање играчници на црно, на кои државата ќе нема никаква контрола. Како аргумент ја користат аферата „Детонатор“ од 2011 кога на истокот на земјата, беа конфискувани 1.500 нелегално поставени покер апарати. Тие сметаат дека предлозите за дислокација на објектите нема да ги спречи граѓаните да играат игри на среќа и нема да ги задоволат дежурните критичари. Според нив игрите на среќа се дел од човечкиот карактер, затоа легални или нелегални играчници имало и ќе ги има секогаш, се’ додека постои цивилизацијата.

Нашата редакција направи една анализа на иницијативи во последните неколку години во различни држави каде се водела иста или слична дебата по прашањето на застапеноста и штетноста на игрите на среќа во нивните општества.

Референдум во Лихтенштајн во јануари 2023 година

На референдумот одржан на 29 јануари 2023 година, високо мнозинство од 72 проценти од 40-те илјади жители на Лихтенштајн со гласање против ја отфрлија тогашната иницијативата за затворање на нивните казина. Претходно и Принцот Ханс Адам Втори заедно со Парламентот на Кнежевството Лихтенштајн се изјаснија против забраната за казината, оценувајќи дека негативно ќе влијае врз домашната економија. Главниот аргумент на иницијаторите за затворање на игрите на среќа беше дека Лихтенштајн станал „Лас Вегас Алпа“. Застапникот на референдумот Гидо Мајер изјавуваше дека не сака Лихтенштајн да се етаблира како казино и жариште за покер во Европа. Вицепремиерката Сабине Монуани објаснуваше дека приходот од 50 милиони швајцарски франци на годишно ниво е многу важен за буџетот на Лихтенштајн и дека радикалниот пристап со затворање на казината не го решава проблемот од зависност од игрите на среќа. Во Лихтенштајн до 2017 имаше забрана за игрите на среќа. После укинувањето на забраната се отворија шест казина, кои редовно се посетуваат од жители на соседните Германија, Швајцарија и Австрија.

Албанија во октомври 2022 година ја напушти претходната одлука за затворање на игрите на среќа

Во октомври 2022 година, албанската Влада соопшти дека после четири години откако ги забрани ги враќа игрите на среќа. Образложението на албанскиот премиер, Еди Рама беше дека после забраната, игрите на среќа продолжиле да се одвиваат на црно и дека повторното легализирање на оваа дејност ќе и помогне на албанската економија во време на енергетска и економска криза.

Ниту нашиот јужен сосед не е имун на игрите на среќа

Исто како во Албанија и Лихтенштајн и во Грција децении наназад се водеше рестриктивна политика по прашањето на бројот на легални објекти за игри на среќа. Бројот на казина на целата нивна територија не надминуваше повеќе од десет, кои претежно беа повеќе насочени кон туристите отколку кон домашните играчи. Но, тоа сепак не ги спречува Грците да играат. Податоците укажуваат дека, во одредени периоди меѓу 3 000 – 5 000 Грци само во еден ден ги посетуваат казината во Гевгелија. Локалните власти тврдат дека економскиот развој на општината веќе две децении се темели на работењето на казината и хотелскиот бизнис. Тука треба да земе предвид дека и домашните нафтени компании, стоматолозите, трговците имаат полза. Ова ги принуди грчките власти да ја менуваат ригидната политика и со нов закон во 2018 дозволија нивната државна лотарија да отвора објекти со VLT апарати. Во Грција веќе се инсталирани 36 000 апарати за игри на среќа. Очигледно е дека ниту една држава не сака нејзините граѓани да ги трошат своите пари во соседството.

Македонските асоцијации на приредувачи на игри на среќа не се против нов закон

Во објектите на сите категории игри на среќа во Македонија се вработени речиси 10 илјади луѓе кои токму преку овие работни места обезбедуваат егзистенција, а индиректно се засегнати помеѓу 54 илјади до 100 илјади работни места од други дејности кои имаат допир со оваа индустрија. Целиот економски сектор придонесува во годишниот државен Буџет финансиски средства во износ од 280 милиони евра и според нив, на вкупна основа станува збор за статистички најголемиот приватен работодавач во Македонија. Тие укажуваат дека не се против нов Закон за игри на среќа кои ќе содржи одредби со дополнителни заштитни механизми за грижите на граѓаните, но се против нов закон да се носи во предизборен период кој ќе содржи одредби кои на среден и долг рок ќе направат хаос во овој сектор. Земајќи предвид дека речиси секаде во Европската Унија се дозволени легални игри на среќа, тие ја отвораат дилемата каде се стреми Македонија да стане полноправен член, во семејството на западните демократските цивилизации или сакаме да бидеме во друштво со неколку конзервативни држави.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Во Македонија нема место за нова верзија на Груевизмот со Тошковски во главна улога

Горан Наумовски

Активни четири пожари, под контрола три, 18 изгаснати

Пожарникарите нашле три запалени гуми при гаснење на пожарот на планината Жеден

Предраг Петровиќ

Шест лица и едно дете пренесени на Клиниката за токсикологија по пожар во стан во Скопје

Министерот Алиу најави реформа на Мој Термин – побрз, поедноставен и подостапен систем

Шукова ја објави својата кандидатура за градоначалничка на Скопје