Македонија стана политичко мочуриште и потребно е радикално прочистување на политичкиот систем, вели претседателот на Интегра, Љупчо Ристовски, во интервју за „Макфакс“.
Оценува дека ВМРО-ДПМНЕ нема да опстои до крајот на својот цврст став во врска со уставните измени.
„Апсолутно, ќе ретерираат во врска со уставните измени. Кое било лидерство да дојде на чело на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде уценето. Јас тврдам дека се уценети, дури лично и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Тие се уценети и некој ги има во рака. Мицкоски да не го лаже својот народ. Нека еднаш додржат до својот став. Ако треба, сите пратеници ќе ги однесе во карантин шест месеци, ќе им ги одземе мобилните телефони додека помине периодот на гласање за уставните измени. Има начин како да се спречи процесот“, посочува Ристовски.
Според него, лидерската средба иницирана од премиерот Димитар Ковачевски во македонскиот парламент била одржана колку да се рече.
„Лидерската средба се одржа колку да се рече. Но, мислам дека зад тоа се крие и политика на скриени намери, се подготвува јавноста за уставните измени. Тоа покажува дека и власта и опозицијата имаат скриени политики, а на крајот тежината паѓа на товар на народот затоа што ниту едните ниту другите не ја кажуваат вистината. Сите излегуваат со лаги“, вели тој.
Дополнува дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се исцеден лимон во политиката оти, како што вели, власта не се снаоѓа добро со економската ситуација, а опозицијата не нуди решенија.
„Екстремизмот кај Албанците ќе расте и целта не е да се тргнат тие 20 проценти од Уставот, целта е да се уништи унитарниот карактер на државата“, додава Ристовски.
За мениците што ги потпишувале пратениците во ВМРО-ДПМНЕ, за спорот со Бугарија и за односот на ЕУ кон Македонија, за плановите на Интегра за брза железницa, Space city Kokino и слично, во интервјуто за „Макфакс“ претседателот на Интегра, Љупчо Ристовски.