(ИНТЕРВЈУ) Д-р Горан Николов: Во пандемијата неконтролирано се користат витамини и минерали како суплементи

Од:

Витамин Д, витамин Ц, магнезиум, цинк, мелатонин, селен, се само дел од суплементите кои се вклучени во протоколите за лекување на позитивните лица на коронавирусот. Голем дел од граѓаните, не знаејќи дали воопшто имаат недостиг од овие витамини и минерали, ги примаат, со цел да го појачаат имунитетот, иако дел од нив може да предизвикаат несакани последици по здравјето, доколку лицето нема дефицит од нив.

На оваа тема, за тоа колкави количества витамини и минерали се препорачливи со цел да се зајакне имунитетот, а притоа да нема несакани последици по здравјето, но и за тоа во кој дел од денот треба да се зема одреден суплемент, разговаравме со Д-р Горан Николов, специјалист, интернист – кардиолог во Центарот за внатрешни болести „СРЦЕ“ во Скопје.

Витамините и минералите се придружен дел од терапијата за Ковид-19. Но, неизбежен е впечатокот дека лицата земаат исти дози на минерали и витамини, без притоа да се знае дали некој има недостиг од истите. Дали е ова препорачливо?

-Витамините и минералите (олигоелементите) учествуваат во низа биохемиски реакции во човечкото тело. При нивен недостаток или во поретки случаи, при нивен вишок, може да се предизвикаат разни пореметувања, па дури и токсицитет.

За функционирање на организмот за различни старосни групи (деца, возрасни, бремени жени, доилки), како и кај некои одредени заболувања, потребни се различни дози на витамини и минерали. При пандемијата, нивното користење се чини дека се врши неконтролирано, па дури и некритички. Заради тоа, нивната употреба треба да биде под лекарски надзор.

За некои витамини и минерали, пред да се запoчне со нивна суплементација, потребно е да се одреди нивното ниво во организмот, како на пример при одредувањето на нивото на витамин Д, посебно кај одредени групи на луѓе како кај луѓе со прекумерна телесна тежина, замастен црн дроб, повозрасни, дијабетичари итн. Во зависност од нивото на витаминот Д, ќе се одредат и дозите за суплементација.

Најчесто на лицата кои се позитивни на вирусот им се препишуваат Вит Д3, Вит Ц 1000, селен, цинк, мелатонин, магнезиум… Сметате ли дека ова треба да биде протокол за сите пациенти?

-Познато е дека витаминот Д покрај тоа што е одговорен за здравјето на коските, има улога и во имунетот кај човекот. Во ерата на пандемијата, постојат студии кои се во тек, каде што е забележано дека заболените од инфекција со COVID-19 со пониско ниво на витамин Д во крвта имале потешка клиничка слика на болеста.

При надомест со витамин Д, заради негова подобра искористивост, истовремено потребно е да се зема и магнезиум во дози од 320-400 mg на ден, најдобро во форма на магнезиум цитрат. Земањето на витаминот Д како превентивна мерка во есенско-зимскиот период би било од 2000-4000 интернационални единици на ден.

Селенот како минерал, покрај тоа што го чува здравјето на штитната жлезда и простата кај мажите, има улога во имунитетот и потребно е да се зема како суплемент во доза од 100 микрограми на ден.

Витаминот Ц доволно е да се зема дневно во доза од 100 до 200 mg, додека дијабетичарите треба да го земаат во поголеми количини заради неговото дејство како антиоксиданс.

Наведените дози на витамини и минерали сметам дека треба повеќе да се земаат во превентивна цел, отколку како тераписки протокол за сите пациенти.

Дали треба пациентите претходно да проверат дали имаат, на пример, дефицит од Витамин Д3 пред да почнат да го примаат?

-Како што беше спомнав и претходно, пред да се започне со суплементација со витамин Д препорачливо е да се одреди нивото во организмот, па според тоа да се одреди и дозата.

Голем дел од граѓаните ги пијат сите суплементи наеднаш. Дали е ова пожелно и во кој дел од денот треба да се прима одреден суплемент? Дали со храна или на гладно? Кои суплементи треба да се примаат заедно?

-Витаминот Д обично треба да се зема после јадење. Тој спаѓа во групата на липосолубилни витамини (растворливи во масти), заедно со витамините К, А и Е и поради тоа нивната апсорпција е најдобра со оброк кој содржи масти.

Витамините кои се растворливи во вода, како витаминот Ц и групата на Б витамини најдобро е да се земаат наутро, 30 минути пред јадење или 2 часа после јадење.

Магнезиумот се зема со храна за да се се избегнат несакани ефекти како дијареа, мачнина и повраќање.

Кои се последиците од примањето суплементи, доколку лицето нема недостиг од извесен витамин или минерал?

Внесот на витамини во вишок може да има токсичност во зависност од тоа во која група на витамини припаѓа. Оние што се раствараат во вода, вишокот се елеминира преку урината. Оние кои се раствораат во масти се со поголема можност да предизвикаат токсицитет ако се земаат во големи дози.

Така, на пример, зголемениот внес на витамин Д доведува до хиперклацемија (зголемено ниво на калциум во крвта) кое пак причинува мачнина, губиток на апетит, повраќање итн, а може да доведе и до акумулирање на калциум во органите, како што е бубрегот.

Која храна е замена за одредени суплементи и како граѓаните можат да го зајакнат имунитетот на природен начин?

Витаминот Ц го содржат овошјето како лимон, мандарини, портокали. Д витаминот е присутен во жолчка од јајце, масни риби како што се лосос, туна, сардина. Селенот го има во бразилски ореви (доволно е да се земе само еден,  поради негова токсичност), магнезиумот пак го соджат јаткастите овошја, банани, грав и др.

Граѓаните треба да конзумираат храна која содржи свежо овошје и зеленчук, да практикуваат физичка активност, редовен сон и одмор на организмот, намалување на стресот, тоа се препораки кои може да го подобрат нашиот имунитет.

Голема е дебатата околу употребата на антибиотиците при лекувањето од Ковид-19. Колку тие помагаат, а колку му одмагаат на организмот?

Затоа што се работи за вирусна инфекција, не постои специфична (етиолошка) терапија. Употребата на антибиотиците при лекувањето на COVID-19 доаѓа во обзир само кај комплицирани инфекции со други микроорганизми (бактерии) т.н. секундарни инфекции. Некритичната употреба на антибиотици во иднина ќе доведе до создавање на резистентни соеви на бактерии.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска