Државниот завод за ревизија утврди дека вработени во Јавната здравствена установа „Институт за јавно здравје“ од Скопје во 2016 година добивале повисоки плати, со пресметка на повисок коефициент од законски утврдениот. Од 25 досиеја на вработени, кај три било констатирано дека има исплати на повисоки плати, кај едно лице дека има понизок степен на образование, а зема плата по повисок коефициент. Во извештајот на ревизорите пишува дека седум лица добивале надоместок за раководење, иако тоа законски не било дозволено.
Две лица кои биле назначени за началници го немале потребното работно искуство предвидено со актот на систематизација. Институтот исплаќал прекувремена работа, но во 19 случаи за тоа немало одобрение, а таму каде што имало исплати, не бил приложен извадок од електронскиот систем за евиденција на работното време. Притоа, не се вршела анализа на оправданоста за отсуството од работа, која што е поврзана со исплатата на плати.
Ревизијата констатира дека биле вршени корекции на дневниот промет на фискалните каси, без притоа да се наведат причините. Наплатените готови средства од извршени здравствени услуги, референтот ги уплаќал со задоцнување од 2 до 3 месеца. Институтот ангажирал и надворешно лице – консултант, но, во договорот не биле прецизно наведени работните активности. Финансиските извештаи за овој период се одговорност на директорот Шабан Мемети.
Тој на седница со Управниот одбор ги разгледал забелешките на ревизорите, па испратиле известување, но Државната ревизија прифатила само по 1 забелешка, а останатите ги отфрлила.
Васко Маглешов