„Инклузива“: Надлежните да донесат мерки и препораки за превенција од ширење на коронавирусот кај лицата со попреченост

Од:

Лицата со попреченост стануваат уште поранливи во услови на тековната состојба предизивикана од ширење на коронавирусот, сметаат одговорните од здружението „Инклузива“. Во овој период на сите им е тешко, смета претседателката на здружението, но на лицата со попреченост им е уште потешко бидејќи во периодов се затворени и онака малкуте дневни центри за лица со попреченост.

– Зависно од видот и степенот на попреченост на својот член се разликуваат и потребите. Затворањето во домот за некои лица е невозможно, некои родители се во работен однос, а дневните центри не работат, едниот од родителите мора да не работи за да се грижи за своето дете. Понатаму стресната состојба многу повеќе е изразена кај овие семејства, бидејќи лицата и децата со попреченост се со многу послаб имунитет, а голем дел од нив се со придружни хронични заболувања, со што се во поголем ризик за инфекција од коронавирусот, вели претседателката на здружението Благица Димитровска.

Од здружението бараат од надлежните власти сет мерки за заштита на лицата со попреченост од коронавирусот, социјални, здравствени, сервис за овие лица за набавка на продукти, лекови, готова храна, препораки од лекари, од специјалисти и стручни служби.

Оваа состојба, велат, ја процениле и од ОН, чиј специјален известувач за правата на лицата со попреченост Каталина Девандас предупредува дека и на светско ниво недостига поддршка за лицата со попреченост и нивните семејства.

– Лицата со попреченост сметаат дека се запоставени, рече експертката за човекови права на ОН. Мерките за превенција, како што се социјалното дистанцирање и самоизолацијата можат да бидат невозможни за оние на кои им е потребна поддршка од други лица при хранење, облекување и капење. Оваа поддршка е основа за нивното преживување и сите држави мора да преземат дополнителни мерки за социјална заштита за да гарантираат континуитет на поддршка на безбеден начин во текот на кризата, стои во објавата на здружението „Инклузива“.

Димитровска додава дека во овој период семејствата на лицата со попреченост немаат консултации со лекари и се потпираат на препораките од власта за секој проблем да се јават кај матичните лекари.

– Разбираме во каква состојба се и лекарите. Матичните недоволно се запознаени со овие состојби и не можат и да сакаат да дадат корисни советувања и потребни насоки кои им се повеќе од потребни на семејствата со член со попреченост, вели Димитровска.

Како и поголемиот дел од населението, и лицата со попреченост се информираат преку медиумите и од социјалните мрежи. Клучната препорака е да се држи растојание од два метра, но таа дистанција, вели Димитровска, е невозможна кај лицата со попреченост, кои самите не можат ниту да се облечат, ниту да се нахранат.

– Едно семејство ми поставуваше прашање како да воспостават социјална дистанција кога нивното дете треба да го нахранат, искапат, преслечат и ред други работи за кои е малку и едно лице тоа да го прави, затоа што лицето е возрасно и треба помош од повеќе луѓе за да можат да одржат негова лична хигиена, вели Димитровска.

Родителите на децата со попреченост секојдневно мора да излегуваат од дома за набавка на храна, средства за хигиена и лекарства и стравуваат да не го донесат вирусот во својот дом и да го пренесат на својот член со попреченост, со што би го загрозиле неговиот живот.

– Нема никаков сервис за давање на овие услуги за оваа категорија граѓани, вели Димитровска.

Лицата со попреченост како и семејствата и пред оваа состојба со коронавирусот имаа тешкотии за набавка на терапијата. Овој проблем дополнително се продлабочува.

– Лекарствата што редовно ги користат се многу скапи, некои досега ги набавувале од други земји, што сега не е можно. Овие семејства се со поголеми трошоци, едниот од родителите најчесто е невработен, не можат да купат доволно храна, хигиенски средства и витамини за да се заштитат соодветно. Овие семејства се посиромашни од другите, а имаат тројно поголеми трошоци. За лицата со попреченост се плаќа партиципација при набавка на лекарствата, која е доста висока, така што некои не се во можност и да ги подигнат од аптеките, додава Димитровска.

Од ОН го перципираат овој проблем и укажуваат дека пристапот до дополнителна финансиска помош е од витално значење за намалување на ризикот од дополнителна ранливост или сиромаштија за лицата со попреченост и нивните семејства.

– Многу лица со попреченост се зависни од услугите кои се прекинати и можеби немаат доволно пари за да обезбедат резерва со храна и лекови, или да платат дополнителни трошоци за испорака во домашни услови, вели специјалниот известувач.

Во последните денови многу родители на деца со аутизам реагираат дека немаат никаква поддршка од стручни лица и не знаат како да се справат со новонастанатата состојба. Ништо подобра не е ниту состојбата на граѓаните со интелектуална попреченост, кои се оставени самите на себе во оваа состојба и на кои поради нивната состојба е невозможно да им се објасни за ситуацијата.

– Дел од лицата со аутизам и интелектуална попреченост не можат да се контролираат да не излегуваат, поради тоа ризикот е голем за инфекција кај нив и сметаме дека треба да се донесат сет мерки за заштита на оваа категорија граѓани. Досега нема никаква мерка, сметам дека тоа е затоа што од грижа за другите тие се заборавени, но итна е потребата да се потсетат надлежните институции да го решат овој горлив проблем, вели Димитровска.

Таа укажува дека и вработените во заштитните друштва, каде што 40 проценти се лица со интелектуална попреченост, треба соодветно да се заштитат или да добијат платено отсутство од работа.

Од „Инклузива“ бараат поддршка од системот за лицата со попреченост, како и за нивните семејства, преку соодветни протоколи за оваа категорија граѓани.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска