Запознавање на македонската стручна јавност со новиот стратешки и безбедносен концепт на НАТО, но и новите безбедносни предизвици за човештвото, како што се сајбер тероризмот или енергетската безбедност, е целта на денешниот Информативен ден посветен на Програмата на НАТО-Наука за мир и безбедност што се одржува денеска во Скопје.
– Алијансата има намера да одговори на новите безбедносни предизвици пред човештвото како што се сајбер тероризмот и енергетската безбедност. Тоа е една област во која се повеќе се инволвирани научници од разни сфери каде се обидуваат да најдат одговор на овие нови безбедносни предизвици, изјави заменик министерот за надворешни работи Зоран Петров.
Јавноста, како што најави, денеска ќе може да се запознае со концептот и предизвиците но и да даде идеи како да се даде придонес во справувањето со нив.
Заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев смета дека пред НАТО постои широк спектар на предизвици кои се однесуваат на техничко-технолошкиот развој на човештвото и оти во тој дел науката несомнено може да даде свој придонес.
– Македонија како кандидат за членство во НАТО фаќа чекор со Алијансата во овој дел. затоа го организираме денешниот состанок за да ги видиме размислувањата на нашите експерти од различни области од високообразовните институции, рече Димитриев.
Додаде дека Македонија со своето мислење и своите ставови може да го зголеми нивото на соработка со Алијансата, барем, како што посочи, во делот на образованието и науката.
– Во овој дел тоа што не сме земја членка на НАТО не е проблем. Постои простор од аспект на земја партнер на НАТО да се обидеме да наметнеме некои наши размислувања. Тука ја гледаме шансата и мислам дека ова е еден добар повод да се обидеме да направиме нешто повеќе од она што сега го правиме на планот на учество во мировни операции и други активности кои ги спроведуваме заедно со НАТО, истакна Димитриев.
На информативниот НАТО ден присуствуваа универзитетски професори, експерти и лица од областа на науката кои говореа за можност за продлабочување и проширување на соработката со НАТО и партнерите во областа на науката и иновациите.