Имероски, Исмајлоска и Билали: Реисот Реџепи да им се извини на Македонците муслимани

Од:

Пратениците Фатмир Имероски, Нола Исмајлоска и Алим Билали денеска реагираа на наводите од колумната на поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, реисот Сулејман Реџепи посочувајќи дека тој самиот се става во улога на асимилатор и оти ја продолжува праксата за обиди за асимилација на Македонците муслимани. Побараа од него да им се извини на Македонците муслимани за изречените навреди.

Во соопштението, како што наведуваат, тие директно и недвосмислено му укажуваат на Реџепи на заблудата или лошата намера со која живее.

– Македонците Муслимани се реалност која постои денес, но постои и со децении и векови наназад на територијата на Македонија и пошироко. Никој освен нас самите не може и не смее да си дозволи да ни кажува кои сме и какви сме. Ние знаеме кој јазик го говориме денес, но и кој јазик го говореле нашите баби и дедовци. Ние знаеме кои песни ги пееме, но и кои песни ги пееле нашите предци. Ние си ја знаеме нашата историја и традиција и длабоко си ја почитуваме. Затоа, навредени сме од изјавата со која вие нам ни кажувате дека самите за себе не знаеме кој сме и што сме. Оваа изјава, почитуван Реису, е дрска и омаловажувачка. Жалиме што Вие сами се ставате во улога на асимилатор и ја продолжувате праксата на обиди за асимилација на нас Македонците Муслимани, се наведува во реакцијата на Имероски, Исмајлоска и Билали.

Денес во Македонија живеат близу 100.000 луѓе кои за себе знаат дека се Македонци и знаат дека се муслимани. – Тоа вам не ви се допаѓа, а треба да бидете човек кој при себе ги обединува сите верници. За вас воопшто не треба да има разлика дали некој муслиман е Македонец, Албанец, Турчин, Бошњак, Ром или што било друго. Вие треба да се однесувате спрема сите нив еднакво и мирољубиво, пишуваат пратениците.

Прашуваат дали тој како Албанец дали истата навреда што ја изрече за Македонците муслимани ќе ја изрече и за Албанците кои не се муслимани, кои се православни и католици.
– Дали и тие се ин-витро проект? Како може да постојат Албанци со православна вера, а не може да постојат Македонци со исламска вера? Зар не сме живееле заедно со векови и зар не сме поминувале заедно низ сите добри и лоши работи што ни ги носела историјата? Зар не знаете дека џамиите во кои ние Македонците муслимани одиме денес се најполни и најпосетувани? Зар не знаете дека токму Македонците муслимани се предани во почитта спрема Бога и верата? Зар кога ни се обраќате нам зборувате на друг јазик кој ние не го знаеме и не го разбираме? Зар вербата во Бог зависи од тоа на кој народ припаѓаме и кој јазик го говориме? Зошто толку омраза кон нас? Зошто толкава желба да не асимилирате и вие нам да ни кажувате кои сме и што сме, прашуваат тројцата пратеници.

Бараат реисот на ИВЗ да им се извини на Македонците муслимани кои живеат во Македонија и почитување кон нив како муслимани.

– Ние сме избрани да бидеме пратеници и да ги претставуваме Македонците Муслимани и затоа Ви велиме дека Вие немате право да не навредувате и омаловажувате. Со децении многу како Вас си поигруваа со нашите чуства. Денес конечно имаме право и слобода јасно и гласно да кажеме кои сме и какви сме. Вие нема да ни го одземете тоа. Со верба дека ќе разберете каква ужасна грешка сте направиле уште еднаш Ве повикуваме да се извините, стои во реакцијата на пратениците Имероски, Исмајлоска и Билали.

Би можело да ве интересира

Стојанче Ангелов и реисот Фетаи заеднички го осудија скандирањето „УЧК“ на собири и протести

Жарко Настоски

Поглаварот на ИВЗ Фетаху го посети Дебар

Жарко Настоски

СДСМ: Никој нема право да шири верска и национална омраза

Емир Латифовиќ