Во македонските судови во тек се постапки по тужби за мобинг, но се уште нема донесено правосилна судска одлука, истакна директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска на маргините на денешното советување „Мобинг согласно Законот за работни односи“.
На советувањето учествуваат судии од граѓанските оддели од сите апелациски подрачја, претставници од министерствата за правда и за труд и социјална политика, од адвокатурата и од Сојузот на синдикати на Република Македонија.
Целта, како што истакна Арнаудовска, е да се разменат компаративни искуства, пришто од страна на домашни и странски излагачи ќе бидат презентирани досегашните искуства на Македонија во однос на мобингот и идните чекори за успешна имплементација на Законот за мобинг, но воедно ќе биде презентирана и германската судска пракса во врска со Законот за работните односи.
– Оваа тема е нова и многу актуелна и затоа ќе продолжиме со организирање обуки во овој правец, на кои како учесници ќе се покануваат не само претставници на судската професија, туку и адвокатите, претставниците на синдикатот, на организацијата на работодавачите, односно сите субјекти кои учествуваат во примена на овој нов Закон, рече Арнаудовска.
Според пратеничката во македонското Собрание Лилјана Поповска, потребна е широка едукација на разни целни групи кои се во допир со мобингот.
– Потребна ќе биде сеопшта кампања, како и подготовка на протоколи, односно список на постапки за секоја институција и поединец кои се во допир со мобингот, рече Поповска.
Мобингот, како што додаде, е нова тема и во светски рамки, а Македонија е една од поретките земји каде се почна со Закон за работни односи во кој во еден сегмент е внесен мобингот.
Мобингот претставува специфична форма на однесување на работното место, кога едно или повеќе лица систематски психички вознемируваат друго лице или група, со загрозување на угледот, честа, достоинството и интегритетот, а каде најчесто крајна цел е напуштање на работното место.
– Мобингот се чувствува прво на сопствената кожа и тоа е едно психичко вознемирување на едно работно место. Тоа е малтретирање на работно место, кое може да биде и од горе кон долу и обратно, а може да биде и меѓу колегите. Може да зависи и од психолошкиот профил на луѓето кои се во работниот процес, нагласи Поповска.
Според неа, потребно е да постојат закони и третман во општеството каде што сите девијации ќе можат да бидат санкционирани и спречени, бидејќи, како што додаде, се работи за здравјето на луѓето.
Пред учесниците на советувањето за германската судска пракса во врска со мобингот говореше Каролина Милосављевиќ-Шулце од Фондацијата ИРЗ. Информира дека во Германија искуствата со мобингот датираат од пред повеќе години, а од 2000 година наваму се повеќе оваа тема се засега од страна на судовите. Првата битна одлука, како што рече, каде е дефиниран поимот мобинг во Германија потекнува од 2007 година со одлуката на Врховниот суд за работни односи.
– Да се докаже мобингот е многу тешко. Затоа на адвокатите и на судиите во Германија им се препорачува да водат детален протокол за ваквите процеси. Значи точно да опишат кој прави мобинг, како и каде го прави мобингот, односно да се направи детален опис на сите елементи на мобингот. Во судовите постои можност на олеснување на доказната постапка. Имено доволно е жртвата да ги наведе сите овие елементи, а потоа оној што врши мобинг треба да докаже дека тоа не е така, рече Милосављевиќ-Шулце.
Според статистиката направена од Германската сојузна служба за заштита на работите односи, како што посочи, најчесто во Германија 50 проценти од оние кои прават мобинг се претпоставените, но има случаи на мобинг и меѓу колегите.
– Најмногу жртви на мобинг се лица кои се занимаваат со социјални дејности како воспитувачи, негуватели, продавачи… Сопред статистиката 75 проценти повеќе има шанси жената да биде жртва на мобинг отколку мажот, а исто така и во однос на страосните групи, оние што вршат мобинг се најчесто од 35 до 55 години, а жртвите се лица или помлади од 25 години или постари од 55 години, нагласи Милосављевиќ-Шулце.