Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на 31 декември 2024 година испратила известување до претседателот на Собранието Африм Гаши дека нема да го потпише указот за прогласување на Законот за заштита на децата, со кој се предвидуваше воведување на двојазични лиценци во градинките.
Пратениците го изгласаа овој Закон на 24 декември 2024 година во рамки на 27-та пленарна седница, со обично и Бадинтерово мнозинство. Со непотпишувањето на Указот, сега законските измени се враќаат во Собранието, а доколку повторно бидат изгласани, претседателката ќе биде должна да го потпише Указот.
Во образложението на претседателката се наведува дека изгласаните измени на Законот содржат повеќе спорни одредби. Во образложението таа наведува дека спровела темелна анализа и експертски консултации по што бара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од Предлог-законот.
– Верувам дека Собранието како носител на законодавната власт ќе ги има предвид моите забелешки и укажувања при повторното разгледување на одредбите од членот 9 и членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, што го донесе на 24 декември 2024 година и ќе креира јасни, прецизни и недвосмислени решенија во согласност со Уставот, пишува во документот.
Во образложението, претседателката вели дека посочените членови од законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот закон за употреба на јазиците.
– Потсетувам дка начинот на употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, се веќе уредени со закон, се наведува во образложението.
Претседателката укажува и на одредбата од членот 182, став 5 од Законот за заштита на децата каде е регулиран начинот на добивање, продолжување и одземање лиценца за работа, формата и содржината на образецот за лиценца кои ги пропишува министерот.