Им ветиле, па не ги избрале на списокот на Македонски шуми

Од:

Претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Гевгелија пред еден месец на невработено лице од Миравци му ветил дека веќе се наоѓа на листата на примени кандидати по објавениот оглас за вработување на 1.600 долгорочно невработени и социјално загрозени лица во Јавното претпријатие „Македонски шуми“. Ова го тврди Перо Рујковски од селото Миравци.

– Јас и мојата жена поднесовме апликација за вработување во „Македонски шуми“ и одбиени сме и двајцата. Пред еден месец претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Александар Атанасов-Шула, ми рече: „Примен си“, а сега излегува дека сум одбиен. Ова ми го потврдија и повеќе други лица од Партијата. А, сега излегува дека сум одбиен, изјавува Перо Рујковски од село Миравци Гевгелиско.

Тој конкурирал за работа по огласот на ЈП „Македонски шуми“ уште од мај годинава, а апликацијата лично ја однел меѓу првите во дирекцијата на претпријатието во Скопје.

Сметајќи дека ги исполнува критериумите за долгорочно невработени лица со повеќе од 10 години без работа и за лица со многудетни семејства очекувал позитивен исход.

Рујковски (39) веќе 22 години се води во евиденцијата на Агенцијата за вработување со завршено основно образование, а сопругата Татјана (28), која е лице со инвалидитет со завршена специјална ПТТ виша школа за обука на слепи лица, веќе близу две децении е работно неангажирана, освен првото работно искуство во Скопје, во фабриката за слепи лица во старата зграда на МРТ во Нерези.

Ова социјално загрозено семејство заедно со своите три малолетни деца на возраст од седум, шест и две и пол години живее од негата за издршка од туѓо лице на сопругата во вредност од 4.000 денари. Аплицирале и за социјална помош, но не знаат дали ќе им биде одобрена.

pr

Рујковски е незадоволен од селекцијата и бодирањето при изборот на кандидатите за вработување, бидејќи во неговото село Миравци вработување добиле уште со првата селекција Елена Попова и Тодор Попов, кои се од исто семејство, односно брат и сестра.

– Во семејството Попови ВМРО веќе ја вработи нивната мајка, таму има и баба што прима пензија, а сега од прва, по една година од завршувањето на училиштето, братот и сестрата добиваат во еден ден вработување, вели незадоволниот Рујковски.

tp

При електронското пребарување на апликацијата на Перо Рујковски на ВЕБ страницата на претпријатието стои дека е „одбиен поради неисполнување на условите од огласот (1а)“. Од вчера започна жалбениот рок за одбиените кандидати и меѓу првите во дирекцијата во ЈП „Македонски шуми“ подружница Гевгелија пристигнаа жалбите на сопружниците Рујковски.

А.Д.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада