Организациската директорка на Клиниката за Токсикологија, Бесија Иљази донесе наредба со која им забранува на докторите, сестрите и болничарите на клиниката да даваат изјави на медиумите без нејзина согласност.
Според член 30 од Статутот на Клиниката, Бесија Иљази рече дека оваа наредба е направена за да се заштити имиџот на целата Клиника и да не се дозволи одредени интересни групи да го клеветат чесното работење на белиот мантил.
„Од страната на некои лекари, кои не се повеќе од пет шест, кои испорачуваат невистини во медиумите, а кои во јавноста се добро познати по скандали, инсценации и дезинформации и се нарекуваат доктори на „Фејсбук“ затоа што цел ден го поминуваат своето работно време на социјалните мрежи и не прават ништо. Времето на Нико Беќаровски, докторот од времето на „Друже ТИТО“ помина и тој не може да се помири со оваа реалност. Затоа постојано шири дезинформации кои создаваат забуна во јавноста. Новиот поредок и Наредба што ги воспоставив го попречуваат него и неговиот клан, кои се навикнати да работат според нивните навики“, вели Бесија Илази, организациски директор на Клиниката за токсикологија.
Според нејзината наредба, забрането е неовластено присуствување, давање изјави за јавност преку интервјуа и свикување прес конференции. Се забранува неовластено свикување конференции за печатени и електронски средства за информирање, давање интервјуа и слично со што би се нанело штета на интересите на угледот на клиниката.
„Средба со новинари, други медиуми само со претходно известување на в.д. организацискиот директор. Непочитувањето на оваа наредба подлежи а санкционирање“, стои во наредбата.
Оваа доаѓа ден по одлуката на Бесија Иљази да им ги додели решенијата за работа на 18 работници кои имаа истечени договори на дело на Токсикологија и една недела откако министерот за здравство го разреши медицинскиот директор Данил Петровски кој користи годишен одмор.
Дали е ова законски ДСЗИ ќе проверува деновиве. Од минатиот четврток 18-те лица повторно почнале да извршувааат работни задачи на Клиниката, иако за дел од нив јавно беше посочено дека немаат соодветно образование.
Истите преку писмена изјава објавена од министерството за здравство изнесоа обвинувања за професорот Нико Беќаровски дека ги навредувал на етничка основа зошто се Албанци. Тој негираше и најави тужби, а зад него застанаа речиси сите лекари и најголемиот дел од вработените на Токсикологија.