Голем метеж низ охридската чаршија, маркетите, кејот, кафулињата. Речиси насекаде, освен жителите кои велат дека излегуваат да завршат неодложни обврски, има и дојденци кои за да го избегнат полицискиот час решија викендот да го поминат во главниот туристички центар.
Дел од жителите на Охрид велат дека чувствуваат страв поради пандемијата и овој наплив на домашни туристи, па сега, наместо скопјани, тетовчни, кумановчани, тие ќе останат дома за да не се заразат.
Охриѓани се плашат дека по овој наплив на домашни туристи, градот за една недела ќе стане ново жариште на коронавирус, а посебно се вознемирени, по информацијата дека 20.000 возила биле пропуштени на последната патарина кај Гостивар кон Охрид. Прашањето е доколку тоа се случи, кој ќе ја понесе одговорноста за одлуката која очигледно не беше добро осмислена.
Ако до вчера маркетите оддалечени од центарот беа полупразни и немаше метеж, веќе денес се чекаат долги редици пред нив. Граѓани велат дека за да се испазари, во некои маркети се чека за влез и по половина час.
Низ чаршијата исто така има голема раздвиженост од рано утринава. Се посетуваат и тезгите низ чаршијата, како и околните дуќани. Евидентно е дека не се почитуваат ниту мерките за заштита од коронавирусот, односно социјалната дистанца, па така, забележително е дека има и групирање на повеќе лица без маски.
Празни не останаа ниту детските игралишта во центарот на Охрид, каде родителите ги оставаат своите деца да се забавуваат.
Низ градот има метеж и на улиците каде што е зголемена фреквенцијата на возила. Поради ова, има недостиг на паркинг-места. Иако има непочитување на мерките, полиција нема.