Целта на настанот во Гошинце е да се дефокусира вниманието на македонската јавност од актуелната, политичка, иституционална и безбедносна криза, смета генералот во пензија Илија Николовски кој денеска учествуваше во дебатата „Гошинце 2015“, во организација на „Достоинство“.
Според него нема логика верзијата од случувањето кое ја прераскажа вчера портпаролот на МВР, Иво Котевски. Освен што „не држи“, вели Николовски, верзијата наликува на некој вид хуман тероризам со оглед на тоа што не е предизвикана речиси поголема штета во караулата.
– Привремено е успеано во тоа јавноста да се дефокусира. Но да ги прашам оние што се дигнаа да ја бранат Македонија, од кого ќе ја бранат и како. Јас сум длабоко убеден дека ниту албанската етничка заедница, ниту македонската, ниту, пак, Косово како самостојна држава, во овој момент нема интерес да избијат меѓуетнички судири во Република Македонија. Ние како професионалци и поранешни генерали, сакаме да упатиме јасна порака до Македонците, до Албанците и до сите етнички заедници, да не дозволиме наивно некој да не вовлече во некој меѓуетнички судири – вели генералот.
Маја Васева