Општина Карпош, уште еднаш, како домаќин имаше можност, да ја покаже големата магија на танцот за сите намерници и љубители на занесната игра.
Четвртиот Интернационален танц-фестивал (International dance festival – IDF – Skopje), што викендов се одржа во Спортско рекреативниот центар „Форца“, беше извонреден спој на фантастична музика и волшебни кореографии, кои на големо ја славеа моќта на танцот да ги исполни гледачите со позитивна енергија и емоции.
Во организација на танцовото студио „Ребис“ и финансиски поддржан од Општина Карпош и од Министерството за култура, овој веќе традиционален настан на едно место собра повеќе од 1.000 танчери и речиси 25 танцови студија и школи од земјава и од странство, а опфати 140 танцови точки. Со прекрасни кореографии во 30 различни видови танц, учесниците се натпреваруваа според возраста, во четири категории. Четиричленото меѓународно жири имаше навистина тешка задача да ги одреди 30-те најдобри, кои беа наградени со пехари, а во секоја категорија, со медали, беа наградени и освојувачите на првите три места. Покрај тоа, сите натпреварувачи добија и благодарници за учеството.
Круна на целодневниот натпревар беше вечерниот гала-концерт, на кој настапија токму најдобрите во сите категории, на големо задоволство на публиката, која до последното седиште ја исполни спортската сала.
– Целта на ова натпреварување е, пред сè, меѓусебната дружба на танчерите, нивното поврзување и можност за нивна соработка. Но, покрај тоа, Интернационалниот танц-фестивал е своевиден простор и за нивна промоција зашто дипломите, медалите и пехарите што овде ги стекнаа се интернационално признати, токму како и самиот натпревар, кој е одобрен од Европската танцова федерација. Се разбира, тенденцијата на организацијата на овој настан е да обезбеди и уживање за публиката, зашто неоспорно е дека магијата на танцот е нешто што навистина понесува – вели организаторот на настанот, Амел Амед, и додава дека очекува в година, петтиот јубилеен фестивал да биде уште поуспешен и во Скопје да донесе повеќе од 2.000 танчери.