Утре, Советот на општина Центар ќе продолжи со расправата и ќе гласа за нацрт програмите за работа на општината за 2018-та година.
Општина Центар и градоначалникот, Саша Богдановиќ, во духот на транспарентно и отчетно работење, програмите ги стави на увид на јавноста и граѓаните и невладините организации имаат можност да ги достават своите забелешки и предлози до општината. По гласањето за нацрт програмите, отворена е можноста за нови идеи кои ќе бидат вградени во конечниот буџет на општината за 2018-та година.
Што се однесува до забелешките на дел од јавноста, информираме за неколку проекти и заложби за кои се пројави најголем интерес.
Прифатен е предлогот на коалицијата О2, за субвенционирање на печки за пелети и градоначалникот ќе предложи во нацрт програмите да се предвидат средства во износ од 6.000.000 денари за субвенционирање на печките за пелети.
Што се однесува до намалувањето на бројот на домаќинства кои се греат на дрва и останати горива, општина Центар заедно со БЕГ започна со подготовки на инфраструктурни проекти со цел во населбата Маџир Маало да се постави топлификациона мрежа за да се замени постојниот систем на греење на дрва и на други горива. Со тоа ќе се реши еден дел од Центар да биде приклучен на централно греење.
Веќе се започнати разговори за започнување на гасификацијата и штом ќе ги добиеме конкретните проекти ќе започнеме со реализација.
Предвидени се 2.000.000 денари за соларни панели, 40.000.000 денари за енергетски фасади, за субвенционирање за реконструкција на кровови 5.000.000 денари, за монтажни паркинзи 44.000.000 денари, 12.510.000 денари за реконструкција на зеленило. План ни е да се одржува постоечкото зеленило но, и да се направат и изградат нови паркови. Ќе засадуваме возрасни дрвја и веќе сме во преговори за наредна година на територија на Центар да обезбедиме повеќе од 5.000 возрасни дрвја кои ќе бидат засадени на повеќе локации.
Што се однесува до прочистувачите на воздух, во текот на оваа недела на седница на Совет ќе бидат доставено барање за доделување на прочистувачи за уште две градинки, а целта ни е сите градинки и сите седум основни училишта да бидат опремени со прочистувачи. Опремувањето ќе продолжи и планираме да го завршиме во 2018 година.
Околу зелените фасади, во периодот што претстои очекуваме неколку пилот проекти и по анализата, ќе видиме кој е најуспешен и ќе предвидиме дополнителни средства и репрограмирање на програмата. Во програмата веќе е предвидено поставување на зелени кровови таму каде што има можности.
За симнувањето на возилата од тротоарите, во нацрт програмата имаме предвидено средства за проектирање и прецизирање каде во 2018 година се планира изготвување на сообраќајни режими каде треба да се предвидат патеки за велосипеди. Визија на градоначалникот Богдановиќ и на општина Центар е секаде да има велосипедски патеки, но каде има можности ќе се консултираме со сообраќајни инженери. Општина Центар за прв пат во своето работење ќе ангажира сообраќаен инженер кој ќе помага во изработка на проектите.
Општина Центар во изминатите 4 години исплаќа субвенции за велосипеди. Планираме и оваа година да го продолжиме трендот за стимулирање на граѓаните за да купуваат и користат велосипеди.
Што се однесува до КК Работнички, во самата програма стои дека ќе се обезбедат околу 30.000.000 денари за КК Работнички, клуб кој 100% е во сопственост на општина Центар. Но, 24.000.000 денари е од сопствен буџет а 6.000.000 денари од донации.
Средствата не се наменети само за првиот тим туку и за младинските категотии. Во Работнички тренираат повеќе од 400 деца од разни возрасти, а планот ни е таа бројка да достигне до 1.000 деца и школата на КК Работнички да се прошири и низ други општини, се со цел да ги тренираме најталентираните деца и од нив да произведеме кошаркари со кои ќе се гордееме.
Веќе сме во преговори со многу љубители на кошарката кои сакаат да се вклучат во новиот управен одбор се со цел да придонесат во зајакнување на клубот и обезбедувањее на дополнителни финансии. КК Работнички досега имал помали буџети во изминатиот период од други клубови, сега е предвиден речиси истиот буџет како и минатата година, но сега има повеќе можности конечно Работнички да го вратиме таму каде што припаѓа и повторно да биде гордост на македонската кошарка и на општина Центар, се вели во соопштението на Општината.