Шведската пратеничка во Европскиот парламент, Ана Ибрисагиќ, во изјава за дописникот на МИА го коментираше вчерашното отворање на Резолуцијата за Македонија во Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ), каде таа членува. Според Ибрисагиќ, најновата предлог-Резолуција за Македонија, како и минатогодишната, е многу позитивна.
– Да, проблем за вас е што постои оној вечен конфликт околу името со Грција за кој и ние имаме некакви позитивни сигнали и се надеваме дека ќе биде решен. Но, она што овојпат е ново е дека известувачот Ричард Ховит самиот кажа дека ќе направи се што е во негова можност Македонија час поскоро да ги започне пристапните преговори со Европската унија, односно уште во јуни годинава да добиете датум. Тоа навистина би бил голем исчекор и еден моментум кој треба сите да го искористиме и токму затоа известувачот доби поддршка од сите нас во АФЕТ. Ние тоа со години го очекуваме и го бараме, оти Македонија многу години наназад го има завршено својот дел од работата и само чека на отворање на преговорите, потенцира шведската европратеничката од групат ана Европските народни партии (ЕПП).
Според Ибрисагиќ, во оној момент кога Македонија ќе го отвори процесот на пристапување кон ЕУ, земјата ќе има долги години работа и многу значајни реформи, голем број на политички процеси низ кои ќе мора да мине и истите да ги заврши. Затоа, според неа, апсолутно е неприфатливо и неодговорно да се спречува земјата да не може да почне да ги црпи тие пет, осум или десет години колку што ќе се рпеговара.
– Ова прашање со Грција ќе се реши, но да не ја спречуваме Македонија да почне да преговара, оти можеме паралелно да работиме. Во таа смисла, јас сум отворена за секој предлог што може да значи еден чекор напред и отворање на преговорите со вашата земја – децидна е Ибрисагиќ.
Шведската пратеничка која девет години и во клупите на Европскиот парламент, објаснува дека Европската комисија во октомври месец минатата година го направила својот извештај и сегашната Резолуција што Европарламентот ја носи за Македонија е всушност реакција на тој извештај на Комисијата. Таа вели дека ЕП ќе одговори со што се согласуваме, а со што не се согласуваме во однос на тоа што ЕК го предочи во извештајот кој според неа бил многу позитивен за Македонија.
– Да видиме какви амандмани ќе бидат предложени за оваа Резолуција и не знам на крајот како таа ќе изгледа, но ние кои со години ја следиме вашата земја ќе се обидеме колку што е тоа можно да ги елиминираме негативните работи оти сметам дека Македонија заслужува да стане членка на ЕУ. Гледаме со последните случувања во Скопје што во негативна смисла носи кога некој кој си ја завршил својата работа мора да чека пред вратите на Унијата. Неисполнетите ветувања и очекувања носат негативни работи – смета европратеничката.
Во врска со повторениот предлог за воведување на механизам со кој ЕУ ќе врши арбитража на билатералните спорови, Ибрисагиќ смета дека ако низ арбитража може да се отвори еден дијалог и тоа да престане да биде пречка на патот на Македонија кон Европската унија, тогаш повикува преговорите да отпочнат, а ЕП да работи на тоа и во меѓувреме да се реши проблемот.
– Јас сум исклучително против тоа една работа, макар бил и овој билатерален однос Грција-Македонија, да биде единствена пречка за една земја – завршува Ава Ибрисагиќ, која во врска со можноста да се усвои “заштитна клаузула” со која Комисијата ќе може да го укине безвизниот режим на змејите од Западен Балкан, потенцира дека е потребен, но и дека истиот нема негативно да влијае на извештајот на Европарламентот за Македонија.