Планираниот ребаланс на буџетот нема да донесе ништо позитивно за Македонија и за Турците во Македонија. 10 години владата на Вмро-Дпмне и ДУИ ги става Турците на маргините на оваа држава. И по 10 години власта продолжува да ги троши народните пари без одговорност и без совест, рече Енес Ибрахим.
Буџетот кој е предвиден за 2016 година изнесува околу 3 милијарди и 200 милиони евра. Но, во предвидениот буџет за 2016 година двете турски општини и средините каде што Турците се поконцентрирани се тотално заборавени. Додека секој ден земјата ни се задолжува, само со каматата која се исплаќа за овие долгови, граѓаните од турската етничка заедница во Македонија ќе имаа многу подобра положба.
Но, власта сосема ги игнорира и ги дискриминира граѓаните од турската етничка заедница. Турците во Македонија секогаш биле и останале лојални граѓани, но дали тоа значи дека Груевски нивните даноци ги користи за да си вози автомобил од 600 илјади евра и да се луксузира во сите сегменти од животот?
Сведоци сме како секој ден преку проектот Скопје 2014 никнуваат нови згради, споменици. А од друга страна и покрај дадениот збор за изградбата на Турскиот Театар никако не може да се финализира. Имаше такви кои тврдеа дека кара бината ќе заврши на 1-ви април 2016 година. Јас сакам да ги потсетам дека денес е 11-и јули. Откако ќе се финализира првата фаза од изградбата на турскиот театар, Министерството за Култура треба да го комплетира и ентериерот и сите други финеси.
Кога можело низ повеќе градови да се изградат нови театри, домови на култура, споменици така и Турскиот театар треба да биде изграден во најкус можен рок, и сето тоа е задача на Министерството за Култура. Додека власта се расфрла со безброј непотребни трошења, срамно и неморално е да се бара финансиска поддршка од пријателската Република Турција за изградбата на Турскиот театар.
Со предложениот ребаланс на буџетот уште еднаш граѓаните од турската заедница се заборавени и игнорирани од сопствената земја. Впрочем како и во буџетот за 2016 така и со ребалансот не се предвидени никакви средства за Турците во Македонија. Граѓаните од турската етничка заедница веќе се смачени од егзистенцијата преку донации. Сакаат да си го добијат тоа што им следи. Власта без грам одговорност продолжува да се расфрла со народните пари, а Турците и понатаму остануваат заборавени и оттуѓени. Земјата сѐ повеќе тоне во сиромаштија, а со тоа и граѓаните од турската етничка заедница се сѐ посиромашни и едвај преживуваат со донации.
Јавно прашувам до кога власта планира да продолжи со игнорантски, неетички, манипулативен однос кон турците во Р.Македонија.
Сакам да потенцирам дека со вакви конципирани буџети невозможно е да се создаде мултиетничка држава.
Време е да се стави крај на ова недомаќинско работење и да се почне прогресивни чекори кои ќе донесат благосостојба на сите граѓани на Република Македонија.