И Зврлевски нема да се избави од јамката на Катица Јанева

Од:

Со тоа што државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, вчера се осмели да го прокоментира формирањето на Специјалното јавно обвинителство како политичка институција, се впушти во политички препирки иако за себе во исто време тврдеше дека застапува независна институција која се наоѓа надвор од политичките случувања. Неговиот кредибилитет да се сомнева во законитоста на новоформираното обвинителство е ставено под прашање дополнително затоа што и неговото име се појавува во прислушуваните разговори кои ќе бидат предмет на истрага на специјалната обвиинителка, Катица Јанева.

Зврлевски даде политичка изјава и не многу издржана, велат експертите, затоа што аргументите не се на негова страна. Пасивноста и летаргијата на Основното јавна обвинителство е напати докажана откако Зврлевски управува со него.

Бавното работење по предметите од опозициските „бомби“, фактот што до сега не е покренат обвинителен акт, игнорирањето на случаи во кои се вмешани државни функционери, непостапувањето по ревизиите за „Скопје 2014“, како и по случаите во кои се нападнати и повредени членови на ЛГБТ популацијата, се само дел од аргументите кои покажуваат дека ОЈО на Зврлевски не е ниту независно ниту професионално. Од друга страна, пак, се наоѓаат политичките прогони во кои обвинителството зеде активна улога како случајот „Пуч“, случаите против Бошковски, Шиповиќ, Рамковски, Кежаровски.

-Имавме прилика во самите прислушувани разговори да слушнеме како се носат одлуки и како се фаќаат ургенции. Гледавме стотици контроверзни судски одлуки по обвинителни акти од ОЈО, непокренување предмети против носители на власт со што е очигледно дека обвинителството секога работело во корист на власта. Не отвора постапки со години за такви афери како „Маѓар Телеком“. Во самото обвинителство има судир на интереси и безброј пари сме пишувале за тоа. Се игнорирало непотизам, корупција, имоти на политичари. Сега Зврлевски се обидува да му го земе лебот на Груевски и да дава политички изјави како уште еден доказ дека обвинителството е исполитиизрано – вели Жарко Јорданоски, уредник во дневниот весник „Слободен печат“.

Тој верува дека Марко Зврлевски ќе биде предмет на работата на специјалниот јавен обвинител затоа што неговото име се среќава во една од бомбите каде тогашниот министер за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, кажува дека има влијание врз неговите одлуки.

Професорот по уставно право, Осман Кадриу, очекува предмети да се водат за сите функционери кои се споменуваат или се јавуваат во бомбите, а за кои постои сомнение дека ја залоупотребиле својата положба. Вклучувајќи го тука и Зврлевски.

-Неговата изјава е контрадикторна, тој поаѓа од она што значи политичко а што не и поаѓа од едно тврдење дека специјалното обвинителство е политичко, а државното не е политичко. Тоа е политичка изјава, а јавноста е добро запознаена колку е независно обвинителството. Неговото однесување и работење ќе биде предмет на анализа и пред специјалниот обвинител, а и пред комисијата која треба да се формира пред собранието, а која треба да даде оценка за сите тие збиднувања околу политичките бомби – вели професорот.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Дисциплинската комисија утврди крупни грешки кај шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, се бара негово разрешување

Апелација ги уважи жалбите на Обвинителство и им определи ефективен 30 дневен притвор на двајцата поранешни директори на Онкологија

Државата конфискуваше 11.600 евра од осудениот раководител за урбанизам во Маврово и Ростуше

Обвинителството нареди, а полицијата го уапси бизнисменот Ристо Крмзов

Двајца браќа и нивен пријател се осомничени за убиство во Скопје

Обвинителството отвори предмет за деловодна книга со архивски броеви за легализација на објекти во Општина Чаир