Одредени билатерални прашања не треба да бидат пречка на патот кон целосно интегрирање на Северна Македонија во ЕУ, рече денеска претседателот на Националното собрание на Словенија, Игор Зорчиќ на средбата со неговиот македонски колега Талат Џафери во Брисел.
Зорчиќ истакна дека Словенија го поддржува членството на земјава во ЕУ, при тоа осврнувајќи се на на компромисното решение на неговата држава за непопречување и неблокирање на европскиот пат на Хрватска, односно на решавање на билатералните прашања како паралелен процес на пристапувањето кон Европската унија.
На средбата која се одржа на маргините на Самитот на претседатели на парламенти „Европски парламент – Западен Балкан“, Џафери искажа благодарност за континуираната поддршка што земјава ја добива од Словенија во евроинтегративниот процес. Притоа подвлече дека Европската унија не е комплетна без целосно интегрирање на сите држави од Западен Балкан.
Џафери ја истакна одличната соработка со претставникот на Словенија во Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, како и соработката во насока на справување со бегалската криза и КОВИД – 19 пандемијата.
– Со Република Словенија немаме отворени прашања, соработката на сите нивоа е задоволителна, но постои простор за унапредување на соработката особено во сферата на економијата, културата и туризмот. Пандемијата со КОВИД – 19 несомнено ја обремени и забави директната билатерлна комуникација, но целосната имунизација полека, но сигурно придонесува за враќање на процесите во нормална динамика, рече Џафери.
Соговорниците се согласија дека ваков формат на комуникација на ниво на претседатели на парламенти е особено полезен особено доколку ваквите самити се одржуваат во европските институции, затшто, оценија, претставуваат дополнителен индикатор дека ЕУ јасно покажува интерес кон земјите од Западен Балкан, како и дека прашањето на проширувањето е високо на агендата на ЕУ.
Република Словенија го презема претседателството со Советот на Европа на 1 јули.