Еден дел од туристичките агенции кои планираат да носат патници во Италија за 8 март сè уште анализираат дали треба да се патува во оваа држава, а дел веќе се на пат да ги откажат аранжманите поради состојбата со коронавирусот.
Тур-операторите со кои стапи во контакт „А1 он“ генерално велат дека ја следаат состојбата со ширењето на болеста и ќе се држат до препораките што ги добиваат од нивите партнери од Италија, но и од државните релевантни институции.
Туристичката агенција „Мартин травел“, најверојатно ќе ја откаже осмомартовската екскурзија Венеција- Верона- Фиренца на која требаше да заминат 50-тина патници со автобус. Од таму посочија дека од утрово постојано се јавувале патници кои биле во паника и барале да го откажат аранжманот.
„Секоја година ја организираме оваа тура за 8 март, но годинава имаме една непријатна ситација. Иако сè уште не сме одлучиле, најверојатно патувањето ќе биде откажано. Свесни сме за состојбата и за барањата на патниците, кои се вознемирени и јасно кажуваат дека им е страв да патуваат во оваа држава. Иако имаме веќе уплатено аванс во хотел во Венеција, нема да биде проблем да ја откажеме резервацијата. Во никој случај нема да биде проблем на патниците да им бидат вратени парите ако се откаже аранжманот. Ние им стоиме на располагање на нашите клиенти и доколку состојбата се смири, можеби истата тура ќе им ја понудиме за велигденските празници“, информираат од оваа туристичка агенција.
Слично ќе постапат и од туристичката агенција „Идеал травел“, кои за 8 март имале 250 аранжмани, на различни локации во Италија. Од таму велат дека ќе се држат до препораките на Министерството за здравство, односно екскурзиите во Италија најверојатно ќе бидат откажани.
„Состојбата со коронавирусот ќе ги помести сите планирани патувања во Италија. Покрај во Венеција, ние имаме аранжмани и во областа Ломбардија, посета на езерото Комо, Фиренца и други туристички дестинации. Но, бидејќи ја имаме оваа вонредна состојба, ќе се држиме до мерките на претпазливост и на нашите патници или ќе им ги вратиме парите или ќе им понудиме други аранжмани“, велат од Идеал травел за „А1 он“.
„Нехар турс“ информираат дека немаат тура во Венеција, но планирани екскурзии за 8 март има за Рим и Тоскана и еден автобус патници до Азурен Брег. Велат дека туристичката рута не поминува низ загрозеното подрачје, односно југот на Милано, но додаваат дека ја следат состојбата и ќе бидат во контакт со нивните партнери во Италија пред да тргнат на пат.
„Внимателно следиме сè што се случува и сме во постојан контакт со нашите партнери од Италија и ќе се држиме до тие информации кои ги добиваме од прва рака. Контактиравме со нашите партнери во Милано и познато ни е дека има зафатено неколку мали места на југот на овој град, но нашата рута не поминува од тука. Сметам дека луѓето повеќе се исплашени од бомбастичните информации кои ги пренесоа медиумите. Како и да е, нема да одиме тукутака. Ќе се држиме до препораките што ги добиваме од италијанските колеги. Нашите патници имаат право на слободен избор. Ќе добијат совет, информација и ќе им биде укажано до кои мерки на претпазливост треда да се држат. Оние кои не сакаат може и да го откжаат патувањето. Засега официјално поради коронавирус не се откажал ниту еден патник, освен двајца на кои им се истечени пасошите“, информираат од оваа туристичка агенција.
Покрај аранжмани, агенциите продаваат авионски билети за Италија и за други европски дестинации. Засега, како што велат, граѓаните претежно се јавувале за совет или препорака дали да патуваат или транзитираат низ Италија, но не немало откажување на летовите. Тур-операторите не ја исклучуваат можноста да се откажат и летови кон оваа европска дестинација, доколку се влоши состојбата со коронавирусот.