Пред спомен – обележјата во селото Љубанци, во касарната „Илинден“ и во Волково, беа одбележани 11 години од загинувањето на осумте припадници на АРМ кај месноста Љуботенски Бачила.
Делегација на Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ предводена од началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески положија цвеќе на спомен-обележјето во село Волково.
Делегација на Владата предводена од заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски положи цвеќе на спомен обележјата.
Почит на жртвите кај Љуботенски Бачила искажаа и претставници од здруженијата на бранителите во 2001 година со надеж дека нема да се повторат деновите на кои, како што рекоа, се сеќаваат со голема тага.
Од здружението на бранители рекоа дека се залагаат за исполнување на правата и дека голем дел од нив се реализирани или во процедура во Владата. Бенефициите за кои разговарале со власта се од областа на здравството, социјалата и образованието.
За некои барања наидуваат на пречки од одредени политички структури кои, според нив, ги опструираат зашто ќе загубат во својата политичка активност ако се исполнат барањата на бранителите.
Се надеваат дека тоа ќе се надмине и дека ќе го добијат заслуженото место.
На 10 август 2001 година воено товарно возило на АРМ на патот кај месноста Љуботенски Бачила нагази на две противтенсковски мини. Животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, сите припадници на резервниот состав на АРМ од гарнизонот Скопје.
Во организација на општина Ѓорче Петров во село Волково беше откриен нов споменик на бранителите од 2001 година и спомен-чешма.