Провладините медиуми пренесуваат текст на Џејсон Катз, објавен во интернет весник во Вашингтон каде навива за Никола Груевски, претставувајќи го како колумнист, иако неговото име се спомнува како долгогодишен лобист на претседателот на Азерберјџан. По мало истражување на интернет, може да се види дека Џејсон Катз под своите поранешни текстови во кои ги бранел владите на други држави, а најмногу на Азербејџан, се потпишувал како директор на консултанска фирма што ги советува странските влади, невладини организации и корпорации. Катз во американските весници е претставен и во шемата на платените лобисти на Алиев, кои лобирале во Соединетите Американски Држави, да се “омекне“ сликата за диктатурата во Азербејџан.
-Азербејџан троши милиони долари спонзорирајќи медиуми ширум светот, изнајмувајќи лобисти во Америка и во Европа, покривајќи им ги трошоците за патување на конгресмените за патување во Азербејџан, давајќи им скапи подароци, постојано се рекламира на ТВ канал Euronews, и спонзорира музички манифестации, се со една цел да се “обели“ имиџот во светот за диктатурата во земјата, напиша ерменскиот новинар Седрак Макртчјан. Џејсон Катз кој овде се претставува како колумнист, кој по се изгледа го следат и знаат само провладините медиуми кога ќе напише текст, по што брзо го објавуваат. Со суперлативи и со речникот на ВМРО-ДПМНЕ, Катз пишува дека Груевски ќе биде реизбран за претседател на владата.
– Причината за овие избори е опозицискиот лидер Зоран Заев, кој се сомничи за поврзаност со ланскиот обид за државен удар поддржан од странство, и кој е осомничен и под активна истрага за илегално прислушување, уцена на владини функционери, вклучително и Груевски, како и за долга низа други кривични дела. Заев, по се изгледа во обид да ги држи во заложништво изборите поддржани од Европската Унија, повторно се заканува со нивен бојкот, пишува Катз, а го пренесуваат провладините медиуми. Ова негово пишување е слично на тоа кога го бранел азербејџанскиот претседател и критиките за слободата на медиумите. -Кога во јули 2010 година американскиот весник „Санта Фе Репортер“ (Santa Fe Reporter) објавил текст во кој се зборува за ограничувањето на слободата на медиумите од страна на режимот на азербејџанскиот претседател Алиев, важна улога во поддршката на режимот имал Џејсон Катз.
„Не изненадува што азербејџанската влада не спомнува дека го изнајмила и платила Џон Кац“, тврди авторот на текстот во Санта Фе репортер.
По сите овие информации за Катз, останува отворено прашањето-Дали тој е толку загрижен за политичката состојба во Македонија или пак бил дополнително мотивиран од некого во Македонија?