„Израдувај дете од улица“ е акцијата која Здружението за заштита на правата на детето „Лице в лице“ ја организира за децата од Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари, во која граѓаните, организациите, компаниите и сите кои сакаат да помогнат и да ги израдуваат овие деца – носејќи им храна.
– Целта на оваа активност е да се поттикат граѓаните да се вклучат во помош и поддршка на стотина деца кои се згрижени во Дневниот центар за деца на улица. Се надеваме на нови „лице в лице“ дружби, директно запознавање со проблемите и можностите за помош и поддршка, но и поттикнување на константна грижа, истакнуваат од Здружението.
Граѓаните кои ќе се приклучат, ќе можат да го посетат Дневниот центар во Шуто Оризари на 18 и 25 декември од 11 до 15 часот, како и на 20 и 27 декември од 12 до 15 часот, кога ќе можат да се дружат со децата, но и лице в лице, да ги слушнат нивните приказни, состојбата во која се наоѓаат, и да ги израдуваат носејќи им храна која ќе ги задоволи нивните основни потреби за оваа зима.
-Годинава, за разлика од претходниве две години, имаме и повеќе деца кои се згрижени во Дневниот центар, па затоа, очекуваме да се вклучат сите оние кои сакаат да споделат храна, но и шалче, капче, ракавички, кукла, количка, или други ситни нешта кои носат радост. Секако, тука се и задолжителните насмевки, гушкања и дружби. Важно ни е, овие деца, кои поради повеќе причини не ја добиваат потребната грижа од своите блиски, да имаат можност да доживеат радост и среќа, дружење и добрини со вас, солидарните граѓани кои сакаат, знаат и можат да придонесат за подобар живот и поубав свет, велат од „Лице в лице“.
Во Дневниот центар има повеќе од 100 деца, а просторот нема услови за готвење. Од Здружението препорачуваат да не се носат супи, тестенини или останати производи кои треба да се варат или печат.