По повод 27 март, Светскиот ден на театрите, актерите ќе одиграат по една претстава во чест на децата од СОС Детско село Македонија, а приходите од претставите ќе бидат донација за нивното посреќно детство.
Во акцијата, „Театрите за децата од СОС Детско село Македонија“, се вклучени Театарот за деца и младинци со претставата „Волшебната флејта“, која се игра на 27 март со почеток во 12.30 часот, Драмски театар, со претставата „Снежана и седумте џуџиња“,на 27 март со почеток во 11.30 часот, Албанскиот театар, со својата претстава од 28 март, Македонскиот народен театар со претставата „Разговор во 4 очи“, на 30 март со почеток во 20.00 часот, Театар Комедија со претставата „Случки од Хармс“, која се игра на 30 март со почеток во 20.00 часот и Турскиот театар својата претстава, за децата од СОС Детско село Македонија ќе ја одигра на почетокот на април.
Македонскиот народен театар, покрај претстава, на самиот Ден на театарот, 27 март, ќе организира и театарска работилница за децата од СОС Детско село. Предвидена е и обиколка низ театарот и запознавање со начинот на неговото функционирање, а доживувањето на театарската магија ќе биде заокружено со детската претстава „Палавковци“ на малата сцена во театарот.
Јулијана Накова Гапо националниот директор на СОС Детско село Македонија, од името на децата и целиот тим на СОС Детско село Македонија, изрази благодарност до театрите за хуманоста и поветеноста за оваа акција.
– СОС Детско село Македонија оваа година слави 15 годишен јубилеј. Веќе 15 години сме посветени на обезбедување на топол дом, љубов, грижа на децата а пред се, да обезбедиме среќно детство бидејќи секое дете тоа го заслужува. Нашата организација навистина може да се гордее со тоа што многу деца успеале да ги пребродат проблемите што ги носи животот и да му се радуваат на детството а и да бидат поподготвени за предизвиците кои ги чекаат во светот на возрасните. Не ја исклучувам можноста некое од овие деца, да биде маѓепсано со волшепството на театарот и еден ден да стане дел од актерите, кои во оваа пригода играат претстава посветена на нив, вели Накова Гапо.
СОС Детско село Македонија е дел од големото семејство на меѓународната организација СОС Детски села интернационал, со над 132 земји во светот. СОС Детско село Македонија згрижува деца без родители и родителска грижа.