Новинарот Младен Милетиќ од „Вечерњи лист“ кој ја посетил Македонија, Скопје го опишува како град заглавен во времето, каде македонските таксисти не знаат што е ГПС систем, додека до менувачот во таксито стојат отпушоци од цигари. Милетиќ се осврнува и на изгледот на градот, за кој вели дека е со раскопани улици, сообраќаен колапс и јавни установи во многу лоша состојба.
„Скопскиот аеродром веќе не се вика Александар Велики. Менувањето на името, направи катарза во државата. Останаа спомениците и галиите на Вардар како сеќавање на една заблуда. Останаа луѓето со своите проблеми и неизвесноста на времето. Да, знаеме дека подигнаа 500 споменици во главниот град. Знаеме дека експремиерот кој е автор на сите овие глупости побегна од земјата, знаеме дека нема попис од 2002 година, знаеме дека по втор пат мораа да го менуваат името на државата и имаат ракометари кои се прваци во Европа“, опшува на почетокот од репортажата, новинарот Милетиќ.
Таксистите ги опишува како некултурни, објаснувајќи дека додека користел превоз – движењето низ улиците поминало со викање и пцуење. Тој во репортажата додава дека таксистите не знаат да користат ГПС систем, па наместо во апартманот каде требало да престојува – го оставиле во погрешен дел од Скопје.
„Види го оној. Види што прават, како возат, леле! Полиција? Каква полиција, којзнае каде се тие. Стојат некаде и безврска ги казнуваат тие што не треба, а тие што треба – ги пуштаат. На крст би ги распнал, таму каде што е најлошо. Да ве прашам, каде се наоѓа местото каде ќе престојувате? Го знаете ли Скопје, знаете од прилика каде е? Ние работиме со хотели, ова е некој апартман. Тоа е како кал, никој не знае каде се наоѓа. Ние ќе го најдеме тоа“ му рекол такстит на новинарот, по што новинарот констатира, „По 15 минути ме остави и се покажа дека сум во потполно погрешен дел од градот кој наводно има жители колку и Загреб“.
Во репортажата објавена во „Вечерњи лист“, новинарот вели дека улиците во Скопје се џунгла, со стари коли од времето на Југославија, но и лондонски автобуси кои всушност се кинески.
„За македонските таксисти ГПС и денес е потполно непозната технологија, за разлика од шолја кафе или отпушоци во пепелникот покрај менувачот. А во таа џунгла на скопските булевари, улици и сокачиња, се разминуваат како во циркус, претежно со оштетени крнтии од „југо“ и „фичо“, нови модели како Мерцедес, БМВ во златна боја, стари коли од времето на бивша Југославија, заедно со лондонски автобуси. Односно, тие автобуси се реплика на оние кои ќе ги видите во Пикадили, односно британската престолнина, Лондон“, се додава во репортажата на новинарот.
Скопјани пак, со сведоштва ја надополниле репортажата на објавена од новинарот Милетиќ, објаснувајќи дека расипаните автобусите се расклопуваат, за да се поправат останатите.
„Тие се кинески. Беа поволни, но при потпишување на договорот, занемарен е еден важен детаљ – дека се продаваат без да се вклучи сервисирањето во цената. Така да, тој вози – додека вози. Кога еден ќе цркне, ќе го расклопат, а деловите се користат за друг да го поправат“, му раскажал минувач на новинарот.
Случувањата од улиците во Струга се втор дел од репортажата објавена во хрватскиот портал. На автобуската станица во градот, таксист нудел превоз по истата цена по која возат автобусите. Такси возачот собрал патници, претежно Роми, со кои подоцна се расправал. Новинарот вели „ Вакво нешто да се случи во Скандинавија веројатно би се организирале јавни трибини и специјални ТВ емисии со тека ‘Каде кочи системот’?“
За зградите во кои се сместени институциите, училиштата, болниците, новинарот Милетиќ вели дека се во лоша состојба. Тој смета дека во Македонија важи некое непишано правило „Пушти нека пропаѓа“.
„Во Скопје не дочекаа раскопани улици, сообраќаен колапс и штрајк на наставниците, попратен со насловна од весник на кој пишува ‘Тато, ќе има ли штрајк цела година?’. Пред десет години Македонците амбициозно ја прифатија деветолетката во школскиот систем, ја прифатија Кембриџ програмата, а децата како што самите велат, им завршуваат школо се понеписмени. Освен неодамна изграденото училиште „Киро Глигоров“ во Капиштец, сите училишта што ги видовме, барем од надвор, беа во многу лоша состојба. Не само тие, туку сите јавни установи – болници, центри за култура, полициски станици, железничката, поштите… Општиот впечаток е дека во некогаш најјужната југословенска република владее некое непишано правило „Пушти нека пропаѓа“. Во најлоша состојба е она што е направено од минатата владеачка гарнитура, без оглед колку е важно. За да е појасно, Хрватска за Македонија е она се Ирска или Данска за Хрватска. Колку и да им е тешко, Македонците на крајот знаат да се снајдат“, заклучува новинарот во репортажата.