Јавен обвинител ќе ја испитува ситуацијата на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ која настана со затворањето на хируршките сали, кои повеќе од една недела не работат. Во меѓувреме, од Mинистерството за здравство за овој проблем се уште немаат став, додека за денеска закажаа прес-конференција на министерот Илир Демири, но без најава на која тема.
Од ОЈО Скопје информираа дека Министерството за здравство пратило известување до Обвинителството за затворените хируршки сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кое е примено и распоредено кај јавен обвинител. Ќе се преземат дејствија за да се провери дали во настанот воопшто има елементи на кривично дело.
Неофицијално, веќе е сослушан претставник на Министерстовтото за здравство, а од денеска информации со Обвинителството ќе споделат и директорите на клиниките.
Во исто време, поради ситуацијата со хируршките сали на Клинички центар, во ГОБ „8 Септември“ и Градската општа болница – Хирургија „Св Наум Охридски“, ги прифаќаат итните пациенти не само од Скопје, туку и од другите градови, со што ги одложуваат веќе закажаните операции.