Дождот што повторно врне во Охридскиот регион дополнително ја усложнува ситуацијата со високиот водостој на Охридското Езеро и реките од неговото сливно подрачје.
Според АД „ЕЛЕМ“, нивото на водата во езерото е на котата 693,86 метри надморска височина, што е 11 сантиметри над максималната граница нормативно утврдена на 693,75 метри.
Согласно одлуката на Кризниот штаб при Општина Охрид, од денеска правните и физичките лица од градот можат да поднесуваат барања за обесштетување за штетата настаната пред два дена кога силниот ветер предизвика значајни оштетувања на објекти на брегот на езерото, најмногу на потегот од Градското пристаниште до Канео. Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди по пријава е веќе на терен и врши проценка на настанатите штети.
Во текот на викендот беа ангажирани сите расположиви ресурси на ЈП „Охридски комуналец“, како во луѓе така и во техника, се собираше огромната количина ѓубре и отпад, се она што бранот го исфрли на брегот на езерото.